Рускиот Патријарх Кирил се состана со Поглаварот на Грузиската Православна Црква
 
 
 
 
 

Рускиот Патријарх Кирил се состана со Поглаварот на Грузиската Православна Црква (22.01.2013 17:14)

Вчера во Патријаршиската резиденција во Даниловиот манастир во Москва се одржа состанок помеѓу Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и Неговата Светост и Блаженост Патријархот на цела Грузија Илија II, соопшти службата за комуникации при ОНЦВ.

После молебниот во црквата на Крстот во Патријаршиската резиденција, што го отслужи Поглаварот на Грузиската Црква, Патријархот Кирил топло го поздрави собратот и изјави: „Руската Црква останува во духовно, канонско единство со Грузиската Црква, поддржувајќи ги братската соработка и взаемното дејствување низ многуте години на нашите истории“.

Патријархот Кирил уште и ја нагласи улогата на Патријархот Илија II „за јакнењето и обновувањето на православната вера“ во Грузија, како и „за зачувувањето на мирот, разбирањето и соработката помеѓу луѓето со различни политички ставови, внатре во општеството“.

За возврат, Патријархот Илија II срдечно го поздрави Патријархот Кирил од името на Светиот Синод и сите верници во Грузиската Православна Црква. Тој, исто така, изрази благодарност за наградата на Меѓународната фондација за единство на православните христијански нации. „Братските односи меѓу нашите Цркви беа единствениот пат за поврзување на нашите земји и нашите народи“, изјави Поглаварот на Грузицката Црква. Тој е уверен дека неговата сегашна посета ќе помогне за заедничкото разбирање, зајакнување на братските врски меѓу рускиот и грузискиот народ и решавање на проблемите меѓу двете земји.

Патријархот Кирил на Патријархот Илија II му го честиташе неодамнешниот јубилеј – 80 години од раѓањето и 35 години од востоличувањето и му се заблагодари за достојниот прием на делегацијата на Руската Православна Црква во Тбилиси. Тој му се обрати со зборовите: „Поради Вашата мудрост, Вашиот опит, љубовта кон луѓето, големото христијанско смирение, спечаливте голема почит не само во Грузија, туку и надвор од неа“.

На средбата се разговараше за состојбите во двете општества и односите меѓу двете Цркви, наклонетоста на Руската Црква кон желбите на грузиската страна моштите на грузиските цареви Вахтанг VI и Тејмураз II да бидат пренесени во Тбилиси, вклучувајќи го и прашањето за подготовка на Големиот и Свет Собор на Источните Православни Цркви.

На крајот, Патријархот Илија II срдечно се заблагодари за гостопримството и јасната позиција на дискутираните прашања и рече: „Мораме да бидеме блиски пријатели. Меѓу нас има разбирање за сите работи“.

 

     

 

Извор: Патриархиа.ру