Прв руски храм во Чиле (28.01.2013 12:50)
Во Консепсон, вториот по големина град во Чиле, кој има милион и петстотини жители, ќе биде изграден руски православен храм. Меѓу православните има: руски емигранти од поствоениот период и нивни потомци, Руси и Украинци емигранти кои дошле во Чиле по распаѓањето на СССР, Палестинци, како и Чилеанци кои станале православни.
Православните богослужби постојано се служат од март 2006 г. во просториите на арапскиот стадион (Estadio Arabe). Претежно се служи на шпански јазик, а некои молитви се читаат на црковнословенски и на арапските јазици. Старешина на парохијата е протоереј Алексеј (Аедо Вилургон), свештеник на РЗПЦ, кој живее во Консепсон. Парохијата припаѓа на Јужно-американската епархија под раководство на преосветениот Јован, епископ Каракарски и Јужно-американски.
Отец Алексеј е Чилеанец кој со сета своја душа и срце го прими Православието. Со неговите залагања, упорност и работа, но секогаш со надеж во Божјата помош, во август 2011 г. започна изградбата на првиот Божји храм на југот на Чиле. Камен-темелникот на местото на идниот храм го освети владиката Јован во декември 2010 г., во присуство на месните власти и претставници на Руската амбасада.
Земјиштето за изградба на храмот го поклони палестинската општина Консепсон. Во јули 2011 г. Општината доби помош од владата на Чиле во износ од 63 илјади долари.
За понатамошните работи потребни се околу 135 илјади долари. Православната општина „Св. Силуан Атонски“ очекува помош од дарителите.
Извор: Светигора