Православните епископи на Америка по повод 40-годишнината од легализацијата на абортусот (06.02.2013 16:07)
Соборот на канонски православните епископи на Северна и Централна Америка издаде соопштение по повод 40-годишнината од донесувањето на пресудата во случајот Ро против Вејда, со која на 22 јануари 1973 г. во САД се легализираше абортусот.
Врховниот суд на САД пред 40 години донесе пресуда позната како Ро против Вејда, со која на жените од САД им се гарантира „правото“ да го прекинат животот на своите деца во утробата. Резултатот од оваа пресуда е прекин на животите на околу 54 милиони деца, уште пред таа да стапи во сила.
Светата православна вера недвосмислено е за живот. Пред раѓањето на Господ Исус Христос од утробата на Неговата Мајка, Го препознал и Му се поклонил св. Јован Крстител, кој исто така бил во утробата на својата мајка (Лука 1, 44). Св. Василиј Велики (4 век), еден од вселенските учители на верата, смело ги нарекува убијци оние кои го прекинуваат животот на фетусот. Црквата доследно се држи до ставот дека на децата кои се развиваат во утробата мора да им се обезбеди истата заштита како и на оние надвор од неа. Нема морална, верска или научна причина која може да ги оправда правените разлики помеѓу новозачнатото и новороденото дете.
Абортусот не само што го прекинува животот на детето, туку ја ранува и неговата мајка, често нанесувајќи ѝ духовни, психолошки и телесни повреди. На жените кои направиле абортус христијаните треба да им дадат евангелска утеха дека нашиот човекољубив Бог може да ги исцели. Православната Црква ги повикува своите чеда, и целото општество, да им помогнат на идните мајки безбедно да ги донесат своите деца на овој свет и да им обезбедат домови полни со љубов.
На оваа тажна годишнина, плачејќи над насилството кое пречесто си го наметнуваме едни на други, како што се виде и во неодамнешното масовно убиство во Аурора, Колорадо и Њутон, Конетикат, се молиме за прекин на абортусот. Постојат многу работи кои ние како луѓе сѐ помалку ги цениме, а секако на големо лежат во основата на ова насилство. Непочитувањето на човечкиот живот во утробата е немал дел од ова. Да Му го принесеме на Бога семоќното покајание за злото на абортусот и со своите срца и раце да го прегрнеме животот.
Извор: Светигора