Во Дамаск е востоличен новиот Антиохиски Патријах Јован X
 
 
 
 
 

Во Дамаск е востоличен новиот Антиохиски Патријах Јован X (12.02.2013 09:32)

Избраниот на 17 декември Антиохиски Патријарх Јован X беше интронизиран во Соборниот храм „Чесниот Крст“ во Дамаск, со исклучително строги мерки за безбедност. Снајперистите беа распоредени на покривите од зградите околу храмот во главниот град на Сирија, а храмот беше достапен само за официјалните лица. Претседателот на земјата Башар Асад и владата беа претставувани од министерот-шиит Мансур Азам, којшто беше министер за јавни градби. Подоцна се појавија информации дека присуствувал и претседателот на министрите на Сирија, како и претседателот на парламентот и пратениците.

И покрај информациите дека претставниците на другите Πравославни Цркви, како и на другите христијански конфесии од странство не можеле да присуствиваат, сепак успеале да отидат претставници на неколку Цркви, меѓу кои бил и Неврокопскиот Митрополит Натанаил од Бугарската Православна Црква.

Антиохиската Патријаршија, којашто е на трето место по старост, според времето на востановување на Православните Патријаршии, е наследничка на една од првите христијански општини надвор од Ерусалим, создадена уште во 30-те години од 1 век. Векови наназад таа за седиште го има Дамск, а древната Антиохија, сега Антакија, е на територијата на Турција. Претходниот Патријарх Игнатиј ІV Хазим почина од мозочен удар на 5 декември во Либан. Новиот Патријарх беше избран по само 12 дена од Соборот на епископите на таа Партијаршија.

Патријархот Јован е роден во 1955 г. во Латакија. Завршил инженерско образование, а потоа учел православно богословие во Баламанд, Либан, докторирал во Солун и од 2008 г. бил Митрополит на Антиохиската Патријаршија за Европа со седиште во Париз. Освен арапски и грчки, знае и француски, англиски и германски јазик. Специјалист е по црковна музика.

Во своето слово при востоличувањето Патријархот Јован се обрати со зборови на почит кон своите сограѓани муслимани и го повика сирискиот народ на мир, прекин на воените дејства и насилството, враќање на бегалците и „наоѓање на мировно решение“. Од медиумите малку се знае дека едно од најзагрозени слоеви од населението, заради немирите, воените дејства и теророт, е христијанското малцинство во Сирија.

Извор: Двери.бг