На манастирските гробишта во Дајбаба беа погребани земните останки на архимандритот Лука (Аниќ)
 
 
 
 
 

На манастирските гробишта во Дајбаба беа погребани земните останки на архимандритот Лука (Аниќ) (12.02.2013 09:39)

На манастирските гробишта во Дајбаба кај Подгорица во неделата беа погребани земните останки на архимандритот Лука (Аниќ), игумен на манастирот Дајбаба, кој се упокои во Господ во 54-та година од земниот живот.

Светата заупокоена Литургија и опелото ги отслужија Архиепископот Цетински, Митрополитот Црногорско-примирски Господин Амфилохиј и Нивната Светост, Епископите Будимљанско-никшички Јоаникиј, Захумско-херцеговски Григориј, Рашко-призренски Теодосиј и Липљански Јован, во сослужение на свешетнството и свештеномонаштвото, и молитвеното учество на многубројните верници од Црна Гора, Србија и Република Српска.

Во беседата над одарот на отец Лука, Владиката Јоаникиј потсети дека о. Лука потекнува од чесно и угледно семејство на познати белградски интелектуалци, кое е со старо потекло „од овие гори, од Васојевиќ и никшичката Жупа“.

„Нивниот дом е она познато место за српскиот народ - Орашец, каде претците на о. Лука, како јунаци ослободители, заедно со Караѓорѓе и Милош внесоа нов живот во српската душа. Отец Лука и неговата, тука присутна сестра Елена се родени и воспитани во едно такво семејство“, рече Владиката Јоаникиј.

Владиката особено истакна дека о. Лука уште од раната младост Го барал Христовиот лик. „Така и се определи да запише философски факултет, историја на уметност, и своите младешки години буквално ги посвети барајќи Го Христовиот лик. И кога преку убавината Го сретна Христос, тој полека почна да се ослободува од сѐ останато“.

„Иако така сестрано образован, иако му се отвори кариера за универзитетски професор, неговото срце започна да го бара оној, како што вели св. Владика Николај, шумски универзитет. Неговата душа започна да ја бара Божјата мудрост и знаење. И тој се определи да стане монах, затоа што и само тоа го сакаше. А го имаше пред себе својот духовен отец Високопреосветениот Митрополит Амфилохиј, кај кого дојде во Банат, во манастирот Ајдучица, и по кој дојде во Црна Гора“, рече Владиката Будимљанско-никшички.

Тој рече дека о. Лука бил човек со широко срце, кој живеел во полнотата Православната Црква. „Тој беше најдобар познавач на древното и современото монаштво во православниот свет. Го собираше тоа богатство, и она кое го предава Нитријската пустина и Синајската Гора и Светата (Атонска) Гора, но и руските катакомби и светиите на новото монаштво во Аризона. Сето тоа му беше блиско“.

„Отец Лука беше практичен човек, но се гледаше дека тој не се грижи до толку за тие практични работи, колку за духовните. Тој посведочи дека молитвата е поважна од сѐ, и тоа е она драгоцено наследство и поука која ни ја остава нашиот чесен отец Лука. А беше и одличен пастир. Еве многу од неговите духовни деца се собрани овде меѓу нас – од Цетиње и Приморје, до Белград и Нови Сад и Република Српска. А многуте кои денес овде се собраа сведочат дека о. Лука беше и остана, не само сакан отец Лука, туку и гордост на нашето монаштво. Има ли некој кој не го познаваше о. Лука, а во овој момент со него да не погребува и дел од себе“, рече Владиката Јоаникиј.

Од архимандритот Лука со беседа се прости и неговиот духовен отец. „Еве еден млад човек, нашиот Лука, кој Го праша Господ како да се спаси и го чу Неговиот збор. И не само што го чу, туку и го послуша, го зеде својот крст и тргна по Него, сѐ до последниот здив“.

„Нашиот о. Лука е еден од оние млади луѓе кои во Белград, во осумдесетите години, допрени од Божјото крило - Светиот Дух, доживејаа духовен препород и кои онаа длабока духовна глад, исконската глад за Божјата Вистина, Божјата Правда, за Божјата Љубов, за вечната мудрост, на прав и вистински начин ја заситија“, потсети Владиката Амфилохиј.

„Му благодариме на Господ што ни го подари и испрати меѓу нас. Ѝ благодариме на Цетињската и на оваа Дајбабовска света обител затоа што го прегрна, на која ѝ служеше, благодарност и до сите вас кои денес дојдовте на овој свет собор да го испратиме нашиот о. Лука, молејќи го и нас да нѐ дочека, кога ние, секој во свое време, ќе тргнеме на овој пат на кој Господ и него го повика“, рече Митрополитот Амфилохиј.

Отец Лука (Аниќ) е роден на 17.09.1959 г. во Дубровник. Седма белгрградска гимназија завршил во 1977. Студиите по историја на уметност на Философскиот факултет во Белград ги завршил во 1983 г.

Во 1984 е избран за асистент на проф. д-р Миодраг Јовановиќ, на групата за историја на уметност. Кај него магистрирал во 1991 на тема „Животот и делото на Ѓорѓе Јовановиќ“.

Во 1991 дошол во Цетињскиот манастир и станал искушеник. Тука Митрополитот Амфилохиј го замонашил Урош Аниќ на 07.07.1993 и му го дал името Лука. Ракоположен е во ѓаконски чин на Крстовден 1995, а во чин на јеромонах во црквата „Св. Лука“ во Котор на 22.10.1995. Истата година со одлука на Митрополитот о. Лука е поставен за старешина на Цетињскиот манастир на празникот Св. Лука. Во тој чин ќе остане сѐ до 31.01.2010.

Во чин на игумен е произведен на 12.07.2000, а во чин на архимандрит на 31.10.2008 г.

Со решение од 13.01.2010 поставен е за основач и игумен на манастирот „Св. Сава“ на Савина Главица во Долно Грбље.

Со решение од 01.04.2011 поставен е за в.д. старешина на манастирот Дајбаба во Подгорица.

Архимндрит Лука (Аниќ) беше еден од најугледните и наомилените клирици на Црногорско-приморската митриполија.

Извор: Светигора