Неговата Светост Патријархот Кирил: „Зависта е опасен порок за општеството“
 
 
 
 
 

Неговата Светост Патријархот Кирил: „Зависта е опасен порок за општеството“ (03.04.2013 10:57)

„Зависта не само што е причина за тешките последици кај завидливиот човек, не само што му предизвикува болка и вистинско страдање, туку зависта е и опасен порок за општеството, бидејќи често станува причина за интриги, конфликти, скриени и отворени војни и револуции“, истакна Неговата Светост Патријархот Кирил во својата проповед после Вечерната во Свето-Троицката Сергеева лавра, во вторникот од првата недела на Великиот пост.

„Познато е“, истакна Поглаварот, „дека историската наука, објаснувајќи ги овие или оние страшни случки во човечката историја, обично тргнува од таканаречените објективни околности: наводно, стекнувањето на политичките, економските или уште некои други фактори, довело до овој или оној трагичен развој на работите. Науката не го зема предвид  делувањето на завидливите. А колку само несреќи и колку таги имало низ историјта, колку несреќи и колку таги се случувале и во нашето време затоа што едниот му завидува на другиот, една група луѓе на другата, еден народ на другиот! Не е случајно тоа што токму зависта претставува причина за првото крвопролевање: завидливиот Каин бил првиот човек кој дигнал рака на друг човек, на својот брат, поттикнат од чувството на завист“.

„Во зависта“, посебно истакна Поглаварот, „во голема мера се манифестира самото безумие на гревот. Секој грев е безумие затоа што Бог е апсолутниот Разум, и поредок на животот кој Тој го одредил претставува исполнување на Божјиот разум, а гревот и порокот, како спротивставување на Божјата замисла, и се безумие. Меѓутоа, ова безумие не е очигледно во секој порок. Св. Тихон Задонски вели дека многу пороци на човекот му даваат некое привидно задоволство, а зависта само мака и страдање. Зависта нема никаков покров, никаква декорација, во зависта се открива и исполнува страшното лице на гревот, што човекот го доведува до патење“.

„Завидливиот човек навистина страда. Но зошто да се пати затоа што на некој му е добро, зашто некој напредува? Зошто те интересита туѓиот живот? Зависта се разгорува поради различни поводи. Некој убаво изгледа, некој има добро здравје, убава облека, некој вози убав автомобил, има удобна и убава куќа, има положба на која завидливиот би сакал да се наоѓа – што сѐ не се случува во животот и кои сѐ околности не се причина за зависта!“

„Не може да се живее со зависта, особено не смее со неа да живее верникот, а уште помалку служителот во Црквата или монахот, затоа што зависта го разорува нашиот внатрешен мир, нѐ лишува од целовитоста, нѐ доведува во положба која е во спротивност со Божјата волја. Заради тоа треба да знаеме како да се избориме со оваа духовна болест, со овој порок, со оваа манифестација, на крајот на краиштата, истата онаа гордост која е мајка на сите пороци“, истакна Неговата Светост.

Извор: Светигора