Црковниот спор меѓу Антиохија и Ерусалим се продлабочува (14.04.2013 10:34)
Поради неодамнешното ракополагање на Архиепископ во Катар од страна на Ерусалимската Патријаршија, црковниот спор помеѓу Ерусалимската и Антиохиската Патријаршија се продлабочува. Спорот меѓу двете древни Патријаршии го заплашува и единството на Православните Цркви во пресрет на седницата на претсоборната подготвителна комисија во Швајцарија. До конфликтната ситуација дојде откако Ерусалимскиот Патријарх Теофил го ракоположи архиманритот Макариј за свој Архиепископ на територијата на Катар, која пак, Антиохиската Патријаршија ја смета за своја јурисдикција.
Сегашниот Ерусалимски Патријарх Теофил како архимандрит бил „егзарх на Катар“, како што пишува во неговата официјална биографија. Според Антиохиската Патријаршија тоа е доказ дека Ерусалим ја признава антиохиската јурисдикција во Катар, бидејќи не може да се биде егзарх во својата канонска територија. Од Ерусалим, пак, тврдат дека отворањето на епископско седиште во Катар е договорено уште за време на минатиот Ерусалимски Патријарх Диодор.
Претставник на Антиохиската Патријаршија ги посети речиси сите помесни Православни Цркви, за да ги запознае со ситуацијата. Таа ја обвинува Ерусалимската Црква дека „навлегува во туѓа канонска територија“. Случајот внимателно се следи од Цариградската Патријаршија, како и од Руската Црква, којашто не ја крие традиционалната поддршка на Антиохија, но и интересите во Светата Земја. Романската Патријаршија до неодамна, исто така, беше во конфликт со Ерусалимската Црква заради желбата да отвори храм под романска јурисдикција во Светата Земја. Заради тоа дури и неколку години беше прекинато евхаристиското општење помеѓу двете Цркви.
Минатата седмица Грчкиот Архиепископ Иероним го посети Фанар, за да разговара со Царигратскиот Патријарх Вартоломеј за истиот проблем. Во најскоро време се очекува Царигратската Вселенска Патријаршија да преземе чекори за надминување на конфликтот. Во спротивно, тој ќе стане главна тема на претстојната средба на општоправославната комисија, која го подготвува свикувањето на Сеправославниот Собор, и ќе ја спречи нејзината работа.
Извор: двери.бг