Патријархот Кирил го замоли Путин да интервенира во случајот со киднапираните сириски архиереи (29.04.2013 11:27)
Московскиот Патријарх и на цела Русија Кирил упати молба до претседателот на Руската Федерација г. Владимир Путин, да интервенира во случајот со киднапирањето на двајцата христијански лидери во сирискиот град Алепо.
„Во врска со овој трагичен инцидент Ви се обраќам со молба, во рамките на можностите на Руската држава, да направите сѐ што е можно за брзо ослободување на сириските архиереи“, се вели во пораката на Неговата Светост, упатена до претседателот Путин.
„Знаејќи ја од лично искуство цената на човечката болка и страдањата, Руската Црква цврсто стои на позицијата за неприкосновеноста на светиот дар на животот, недозволеноста на застрашувања и насилства врз цивилното население, вклучувајќи ги и верските работници“, порача Патријархот.
Според медиумите, вооружените припадници на сириската опозиција во понеделникот, 22 април, во предградието на Алепо го киднапирале братот на Антиохискиот Патријарх Јован Х, Алепскиот Митрополит Павле и Сиро-јаковитскиот Алепски Митрополит Јован Ибрахим. Нивниот возач, пак, бил убиен. Како што е соопштено, архиереите се враќале од посета на селото Кафр Даел на сириско-турската граница во кое ги решавале хуманитарните проблеми на локалното население.
Извор: Светигора