Ерусалимскиот Патријарх Теофил допатува во Москва
 
 
 
 
 

Ерусалимскиот Патријарх Теофил допатува во Москва (25.05.2013 11:10)

Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх Теофил допатува во Москва на официјална посета. Во програмата за посета на Поглаварот на Ерусалимската Црква се: свеченоста во чест на Денот на словенската писменост и култура, посета на Троица-Сергеевата лавра, посета на светите места во Санкт Петербург и Валаамскиот манастир.

Церемонијата за пречек на Неговата Блаженост Патријархот на светиот град Ерусалим и на цела Палестина беше приредена на аеродромот „Внуково“, а делегациите на Ерусалимската и Руската Православна Црква се сретнаа во Тронската сала во патријашиската резиденција.

Денес, 24 мај, во патријаршиската Успенска црква во московскиот Кремљ, Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх Теофил и Неговата Светост Московскиот Патријарх и на цела Русија Кирил служеа света Литургија, после која од храмот Богојавление Господово до Словенскиот плоштад имаше литија. На тоа место Поглаварите на Руската и Ерусалимската Православна Црква служеа празничен молебен пред споменикот на св. рамноапостолни Кирил и Методиј.

Со учеството на Патријархот Теофил на свеченостите по повод Денот на словенската писменост и култура продолжува традицијата за покана на Поглаварите на Помесните Православни Цркви на овој празник. Така, во свеченостите во 2010 г. учествуваше Неговата Светост Константинополскиот Патријарх Вартоломеј. Делегацијата на Константинополската Патријаршија учествува секоја година, а оваа година беше предводена од Авидскиот Епископ Кирил.

Во текот на денот Патријархот Теофил ќе го посети празничниот концерт „Наши омилени песни“ на Црвениот плоштад во Москва.

Утре, 25 мај, на денот на стогодишнината од денот на канонизацијата на Патријархот Гермоген, Неговата Светост Московскиот Патријарх и на цела Русија Кирил и Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх Теофил ќе го извршат чинот на осветување на споменикот на московскиот светител во Александровскиот парк, покрај тврдината Кремљ.

На 26 мај Ерусалимскиот Патријарх Теофил ќе се помоли во Троица-Сергеевата лавра, а потоа ќе го посети Уметничко-производното претпријатие на Руската Православна Црква „Софрино“.

На 27 мај 2013 г. Поглаварот на Ерусалимската Црква ќе отпатува во Санкт Петербург, каде ќе учествува во обновувањето на чинот на осветување на Николската поморска црква во Кронштат, а потоа ќе ги посети храмовите во Санкт Петербург и Александро-Невската лавра, како и Валаамскиот манастир.

 

Извор: Светигора