Грузискиoт Патријарх крсти 1000 жители на Аџарија
 
 
 
 
 

Грузискиoт Патријарх крсти 1000 жители на Аџарија (23.06.2013 12:45)

Во почетокот на седмицата, Грузискиот патријарх Илија II во соборниот храм „Рождество Богородично“ во Батуми крсти околу 1000 жители на Аџарија, соопштува „Благовест-инфо“.

 

На 18 јуни, народот уште рано наутро започна да се собира во храмот, откако сите претходно пристапија да се регистрираат. По масовното крштение, патријархот Илија II им се обрати на новокрстените со пригодно слово: „Ги благословувам сите мои крстеници, сите кои примија крштение - оние кои успеаја да дојдат до мене и оние кои не успеаја. Бог да ги благослови вашите деца, вашите семејства, а заедно со вас и цела Грузија“.

 

Во Аџарија живеат Грузијци, чии предци примија ислам во време на турското ропство на областа. По распадот на СССР во Аџарија се спроведува интензивна рехристијанизација на населението. Според некои податоци веќе 70% од Аџаријците се вратија во Православието.

Во таинството извршено од Грузискиот патријарх беа крстени не само деца, туку и возрасни луѓе. „Сам решив да се вратам кон верата на своите предци“, споделува еден од новокрстените Аџаријци. „Се радувам што станав крстеник на патријархот, раскажува млад Грузиец од Аџарија, кој живее во Батуми. – Имам пријатели муслимани, кои се Абхазијци и тие исто така сакаат да го примат Православието“.

По крштението патријархот Илија II ги покани сите свои крстеници во Патријаршијата, обраќајќи им се со пастирско слово. Тие од своја страна го поздравија со стихови и народни песни.

 

Минатото лето во Батуми Патријархот Илија II за прв пат крсти аџариски муслимани. Овој настан во Грузија веќе се нарекува свештена традиција и сите се надеваат дека ќе продолжи и во иднина.

 

Грузискиот Патријарх Илија II ја започна практиката на масовни крштенија во 2008 година. Со цел да се зголеми бројот на рожби во земјата, Патријархот пред неколку години вети дека ќе стане кум на третото и следното дете на секое боговенчано грузиско семејство. До крајот на минатата година, бројот на неговите крстеници достигна 14.000 деца.

 

Извор: Двери.бг