Во Грција се одбележа 19-годишнината од упокојувањето на Старецот Паисиј (13.07.2013 12:52)
На 12 јули 1994 г. Старецот Паисиј (Енепидис), еден од најблескавите духовни личности на 20 век, замина кај Бога, Кому Му служеше уште од најрана возраст. Тој е роден во Фараса кападокиска, во Мала Азија, на 25 јули 1924 г. со световно име Арсениј. Имал уште девет браќа и сестри. Уште како дете бил благословен од Бога да биде крстен од рацете на еден свет човек кој живеел во истата област – св. Арсениј Кападокијски. Св. Арсениј ја предвидел иднината на детето и ја замолил неговата кума да му го даде името Арсениј, „за и тој да остави еден монах позади себе“. Еден месец по раѓањето, неговото семејство емигрирало во Грција и се населило во Коница. Малиот Арсениј многу Ги сакал Христос и Пресвета Богородица и сакал да стане монах. Одел во планината, држејќи дрвен крст кој самиот го правел, и се молел. На 21 година отишол во војска каде се одликувал со висок морал и смелост. Секогаш сакал да го праќаат на првата борбена линија во битките и на најопасните места, претпочитајќи тој да е изложен на опасност, наместо некој друг војник кој имал семејство. После тоа заминал на Света Гора.
Во 1954 г. бил замонашен со името Аверкиј, а потоа му го дале името Паисиј. Прво живеел во манастирот Есфигмен, а потоа во Филотеј. Од 1958 до 1964 г. живеел надвор од Света Гора, прво во областа Коница, каде им бил од помош на илјадници луѓе, кои потпаднале под влијанието на сектите. Потоа се подвизувал во тешкодостапната келија на св. Галактион и Епистима на Синај. Во 1964 г. се вратил на Света Гора и живеел со благодатниот Старец Тихон, кој според неговото сведоштво често ги гледал херувимите и серафимите како Го слават Бога на Светата Литургија.
Од 1979 г. се повелкол во самостојна келија во областа Панагуа, но веќе станал познат и сѐ повеќе луѓе доаѓале кај него. Цел ден, од утрото до ноќта, тој примал луѓе, советувал, утешувал, ја отстранувал нивната загриженост, ги поленел нивните души со вера, надеж и љубов кон Бога, а ноќе читал десетици писма кои ги добивал секојдневно и со часови се молел за луѓето, кои барале помош од него. Поради сето тоа секојдневно оптоварување добил и здравствени проблеми, кои го измачувале уште од 1966 г. Во последните години од животот страдал од различни болести, а најмногу од ракот што му го откриле. И покрај сето тоа тој останал спокоен и не се жалел од ништо. Спротивно, продолжил да се моли и да ги поткрепува другите во тешките болести и маки. Последните денови од животот му биле тешки, исполнети со неподносливи болки, кои тој ги трпел благодарение на Божјата благодат и длабоката вера и љубов кон Бога. На 12 јули 1994 год. Старецот Паисиј починал и бил погребен во манастирот „Св. Јован Богослов“ во Суроти. Таму се наоѓа неговиот гроб, достапен за поклонение на илјадниците верници кои и денес се надеваат на неговата небесна молитва пред Бога. Епитафот (натписот на гробот) е во стиховна форма и бил напишан лично од Старецот, пред неговата смрт. Вчера таму беше ослужена заупокоена Литургија. Старецот Паисиј сѐ уште не е канонизиран за светител, но почитта кон него во Грција, Русија, Бугарија и други земји низ светот е исклучително голема. Тој и денес ги слуша молитвите на луѓето, се застапува за нив пред Христос и прави многу чуда.
Извор: Двери.бг