Дипломатски скандал помеѓу Московската и Вселенската Патријаршија на прославата во Москва
 
 
 
 
 

Дипломатски скандал помеѓу Московската и Вселенската Патријаршија на прославата во Москва (04.08.2013 19:05)

Од 24 до 29 јули Московската Патријаршија организираше грандиозна прослава по повод 1025-годишнината од покрстувањето на Русија. Во организацијата на овој настан беше вложено многу, а основната идеја на организаторите беше да се демонстрира словенското единство на територијата на трите држави – Русија, Украина и Белорусија, како и сецрковното единство. Во програмата активно учествуваа претседателите на четирите држави – Русија, Украина, Србија и Молдавија, единствено претседателот на Белорусија не укажа почит кон богослужбите во неговата претстолнина, кои беа дел од манифестацијата.

Во Москва беа присутни Поглаварите на девет помесни Цркви – домашниот Московски Патријарх Кирил, Александрискиот Патријарх Теодор ІІ, Ерусалимскиот Патријарх Теофил ІІІ, Грузискиот Патријарх Илија ІІ, Српскиот Патријарх Иринеј, Бугарскиот Патријарх Неофит, Кипарскиот Архиепископ Хризостом ІІ, Варшавскиот Митрополит Сава и Поглаварот на Православната Црква во Америка Тихон. Имено, присуството на последниот беше повод за првиот дипломатски скандал уште за време на првата богослужба во Москва. Вселенската Патријаршија, која на прославата ја преставуваше Митрополитот на Франција Емануил, не го признава автокефалниот статус на Православната Црква во Америка, ниту нејзиниот претставник во својство на Поглавар на автокефална Црква. Автокефалноста на Православната Црква во Америка беше дадена од Московската Патријаршија во 1970 г., но таа не е признаена од останатите Помесни Православни Цркви. Исклучок е Бугарската Православна Црква, како и другите Помесни Православни Цркви со силно руско влијание како: Грузиската, Полската, Чешкословачката (сега на Чешките земји и Словачка).

Претставниците на Вселенската Патријаршија и на другите Патријаршии (грчкојазични) беа изненадени од спомнувањето на Митрополитот Тихон во својство на Поглавар на автокефална Црква за време на Литургијата во Москва, за што не биле однапред известени. На јазикот на црковната дипломатија сослужувањето значи признавање од страна на учесниците во богослужбата на канонството на сите архиереи. Поради тоа, претставниците на Вселенската Патријаршија не сослужуваа во богослужбата во Киев, туку едноставно присуствуваа. По извесно време тие ја напуштија прославата и не останаа до нејзиниот крај, во престолнината на Белорусија Минск. Според информацијата на грчката агенција „Догма“, тие го напуштиле Киев по наредба на Вселенскиот Патријарх.

Вториот повод за конфликт беше сеправославното обраќање во заштита на сите прогонети христијани низ светот, кое било подготвено од Московската Патријаршија, без Вселенската Патријаршија да биде известена за таа иницијатива. Поради тоа, нејзините претставници, како и претставниците на Албанската Православна Црква не ја потпишаа изјавата, затоа што во неа се обелоденуваат и проблемите на христијаните во Косово, кон кое Албанија има посебен однос.

Извор: Двери.бг