Соопштение за бракот од православните Епископи на Америка
 
 
 
 
 

Соопштение за бракот од православните Епископи на Америка (25.09.2013 11:55)

Од своето редовно годишно собрание, одржано од 17 до 19 септември во Чикаго, Соборот на канонски православните Епископи на Северна и Централна Америка изнесе соопштение во кое го изразува непроменливиот став на Црквата во однос на прашањето за бракот.

„Ние, Соборот на канонски православните Епископи на Северна и Централна Америка, кои претставуваме милиони православни христијани во САД, Канада и Централна Америка, изразуваме длабока загриженост поради неодамнешните потези на владата и одредени општествени трендови кои се однесуваат на статусот на бракот во нашите земји, пред сѐ, на легализацијата на истополните бракови.

Православното учење за бракот и половите, цврсто втемелено во Светото Писмо, 2000-годишното Предание на Црквата и канонското право, учи дека Светата Тајна Брак е заедница од маж и жена, и дека автентичниот брак ја отсликува светата заедница која постои меѓу Христос и Неговата невеста – Црквата.

Кон луѓето со хомосексуална ориентација треба да се однесуваме со истата милост и љубов кои на целото човештво им ги подари нашиот Господ Исус Христос, бидејќи Црквата е духовна болница во која сите сме повикани да најдеме лек за нашата падната природа, преку Исус Христос, Кој ја прими човековата природа за да ја обнови. Сите ние се бориме со разни страсти, и само во Црквата можеме да ги најдеме средствата за нивно надминување со помош на Божјата благодат. Подлегнувањето на каква било сексуална привлечност: хетеросексуална или хомосексуална, нѐ оттуѓува од Бога.

Ги повикуваме свештенството и православните верници безвремено да сведочат за Христовото учење со своите животи во чистота и светост, со упатување на своите семејства и заедници на евангелските заповеди и верата во нашиот Господ, Кој „го победи светот“.

На крајот, ги охрабруваме нашите верници да се обраќаат кон своите парохиски свештеници или духовни отци со прашања или грижи кои се однесуваат на ова соопштение и неговата практична примена во нивните животи.“

Соборот на канонски православните Епископи на Северна и Централна Америка е еден од дванаесетте епископски собори основани во разни делови од светот. Се содржи од сите канонски, активни православни Архиереи со јурисдикција на територијата на Северна и Централна Америка.

Извор: Светигора