Опелото и погребението на Митрополитот Натанаил ќе се изврши на 19 ноември (18.11.2013 19:40)
Неврокопскиот Митрополит Натанаил којшто почина вчера на 61 година, ќе биде погребан на 19 ноември. Оваа одлука беше донесена вчера на седницата на Светиот Синод на Бугарската Црква. Опелото и погребението на архиерејот ќе бидат извршени во центарот на епархијата, во градот Гоце Делчев. Владиката ќе биде погребан до градската соборна црква посветена на Успение на Пресвета Богородица.
Денес, на 18 ноември (понеделник), од 7 до 10 часот, со Владиката се прости благоевградската духовна околија во соборниот храм Воведение на Пресвета Богородица во квартот „Вароша“. После Светата Литургија телото на упокоениот Митрополит беше пренесено за поклонение во црквата на Успение на Пресвета Богородица во градот Гоце Делчев. Таму на 19 ноември ќе биде отслужена заупокоена Света Литургија и опело за Неврокопскиот Владика.
Вчера трисагија за новопретставениот Митрополит Натанаил изврши и Цариградскиот Патријарх Вартоломеј после неделната богослужба во Цариград.
Свештенството и мирјаните на Неврокопската епархија секојдневно служат заупокоени служби за својот починат архиереј.
Вчера телото на Митрополит Натанаил беше положено за поклонение во синодалниот параклис на светиот цар Борис во Софија. Стотици дојдоа да се простат со духовникот, кој остави голема трага во историјата на БПЦ.
Подоцна во текот на денот архиереите на чело со Неговата Светост Бугарскиот Патријарх Неофит отслужија парастос за својот новопреставен собрат, по што решија привремен раководител на епархијата да биде Видинскиот Митрополит Дометијан.
Световното име на Митрополитот Натанаил е Илија Иванов Калајџиев. Роден е на 16 ноември 1952 г. во с. Копривлен, Гоцеделчевско. Наскоро семејството му се преселува во с. Мокриште, Пазарџиско. По завршувањето на основното образование, во 1968 г. тој пристапува како послушник во Тројанската света заедница, а заедно со тоа од есента истата година примен е за ученик во Софиската духовна семинарија, која ја завршува во 1975 г. За време на своето школување на 3 март 1974, во Православната недела, во Тројанскиот манастир е потстижен во монах со името Натанаил од Ловчанскиот Митрополит Григориј, а под духовно раководство на тогашниот игумен архимандрит Геласиј (подоцна Њујоршки Митрополит) и јеромонахот Даниил.
На 15 април 1974 г. е ракоположен во јероѓаконски чин, а на 13 април 1975 во јеромонах. Од есента истата година е студент на Духовната академија „Св. Климент Охридски“ во Софија, а од 1976 го продолжува образованието на Богословскиот факултет при Атинскиот Коподистриев униветзитет. По враќањето во Бугарија, на 10.10.1980 г. во Софија, по решението на Светиот Синод е возведен во архимандритско достоинство. Во 1984 г. е назначен за протосингел на Ловчанската митрополија.
Од почетокот на 1986 г. архимандритот Натанаил е на богословска специјализација во Источноцрковниот институт во градот Регенсбург, Германија, а од 1 октомври истата година е назначен на должноста парохиски свештеник при БПЦ во црковната општина „Св. Јован Рилски“ во Лондон, Англија.
По враќањето во татковината, од 9 август 1988 г. тој е протосингел на Софиската митрополија, а од 1 март 1989 г, уште како архимандрит е назначен за главен секретар на Светиот Синод, кога за кратко е и претседател на Црковното настојателтво при ПКСХП „Св. Алексндар Невски“.
На 25 март 1989 г., на Благовештение, во патријаршиската црква „Св. Александар Невски“ е хиротонисан во епископски чин со титулата Крупишки. Од 1 декември 1989 г. Епископот Натанаил е назначен за викар на Софискиот Митрополит. Од 1992 г., кога избива расколот во БПЦ, тој заедно со новиот главен секретар на Светиот Синод, Левкијскиот Епископ Неофит, го носи товарот на борбата за зачувување на интегритетот на БПЦ. На 17 април 1994 г. е избран, а на 24 април и канонски е востоличен за Неврокопски Митрополит.
Бог да го прости, нека му даде мир на Неврокопскиот Митрополит Натанаил, и нека ја прими неговата душа при Себе, во живеалиштето на праведните!
Извор: Двери.бг