Можно е Русија да го внесе Православието во Уставот (25.11.2013 13:18)
Пратеничката Јелена Мизулина, позната по нејзиниот pro-life став и конфликтите со ЛГБТ заедницата, поднесе предлог за додавање на преамбула во рускиот Устав со што би се нагласила посебната улога на Руската православна црква.
На петочната седница на Парламентарната група за зашита на христијанските вредности, г-ѓа Мизулина предложила текстот на преамбулата да гласи: „Православието е основа на националната и културна автентичност на Русија“.
Моментално, Уставот ја декларира Русија како секуларна земја и ја гарантира слободата на вероисповед. Сепак, христијанството, исламот, јудеизмот и будизмот во медиумите најчесто се нарекуваат „традиционални вери“. Во 2012 г., легислаторот Сергиј Бабурин исто така предложи внесување на Православието во рускиот Устав, велејќи дека Русија треба да го следи грузискиот пример, и да ја нагласи улогата на Црквата во националната историја, истовремено штитејќи ја еднаквоста и слободата на верите. Но, тогаш предлогот не наиде на доволна поддршка.
Според едно неодамнешно истражување спроведено од институтот „Левада“, над 70% од граѓаните на Руската Федерација себеси се изјасниле за православни христијани. 44 проценти од испитаниците сметаат дека православието е официјална религија на државата, а 56% се согласиле дека Руската православна црква имала главна улога во руската историја.
Извор: Russia Today