Киднапирани монахињите од манастирот „Св. Текла“ во Маалуја, Сирија (06.12.2013 11:27)
Според информацијата на сирискиот весник „Ал-Ватан“, 12-те киднапирани монахињи од Манастирот „Св. Текла“ во Маалуја, Сирија, се користат како жив штит од страна на бунтовниците. Сириските медиуми, исто така, соопштуваат дека владини трупи се концентрираат во регионот на Маалуја.
Монахињите и нивната игуменија Мајка Пелагија биле киднапирани во градот Јабруд. Игуменијата на другиот православен манастир во близина на Дамаск, „Св. Богородица“, успеала да стапи во контакт со Мајка Пелагија и да добие информација за состојбата на монахињите. Пелагија соопштила дека таа и уште 11 монахињи и три искушенички се наоѓаат во куќа во Јабруд, имаат сѐ што им треба и се добри.
Во меѓувреме голем број православни Патријаршии го осудија вандалскиот чин и повикаа монахињите да бидат ослободени.
Интерпарламентарното собрание за Православие, исто така, го осуди киднапирањето и ги повика пратениците да го постават ова прашање во своите парламенти и да се осуди насилството врз христијаните во Сирија.
Врховниот муфтија во Либан го осуди киднапирањето на монахињите, како и на двајцата сириски Митрополити, за кои веќе неколку месеци не се знае ништо. На 4 декември Мохамед Рашид Кабани го осуди киднапирањето и ги нарече дејствата на исламистите „противречни на учењето на исламот“ и „можност за странска интервенција во земјата“. Тој побара монахињите од „Св. Текла“ веднаш да бидат ослободени, како и двајцата Митрополити.
Потсетуваме дека во почетокот на септември Ал Каеда успеа да го освои Маалуја. Тогаш противниците на Асад ја распространија информацијата за сквернавење на христијанските светињи во градот. Сепак, подоцна игуменијата на „Св. Текла“ соопшти дека исламистите се однесувале воздржано.
Меѓународниот претставник на опозициските сили изјави дека во градот не пукаат бунтовниците, туку владините трупи. А за судбината на Мајка Пелагија, игуменијата на древниот манастир „Св. Текла“ во Маалуја, борците на опозицијата рекле дека се обиделе да ги изнесат монахињите од манастирот, од безбедносни причини, но поради гранатирањето на градот од страна на владините трупи, не успеале да го исполнат својот план. Сега, претставници на „Сириската ослободителна армија“ тврдат дека монахињите се наоѓаат на безбедно место.
Населението во градот Маалуја брои не повеќе од 2000 житетели, од кои повеќето се православни христијани. Тој се смета за срцето на христијанството во Сирија.
Извор: Двери.бг