Ал Џезеира емитуваше видео со киднапираните монахињи (09.12.2013 11:51)
Арапскиот телевизиски канал Ал Џезеира емитуваше видео на кое ги имаше сите монахињи од манастирот „Св. Текла“ во Маалуја. Во телевизискиот прилог се забележува дека немаат информација од кога точно се заробени. На видеото се гледаат 16-те монахињи, вклучувајќи ја и игуменијата Пелагија, кои тврдат дека здравствено се добри, дека киднаперите се однесуваат добро со нив и дека причината за преместувањето била поради нивна заштита: „Ќе заминеме по два дена“, тврди една од монахињите, а друга додава: „Среќни сме што бевме евакуирани од манастирот. Нашите домаќини се однесуваат учтиво со нас“.
Водачот на бунтовничката група, презеде одговорност за киднапирањето и изјави дека нема да бидат ослободени пред да се постигнат одредени цели, меѓу кои и „ослободувањето на 1000 сириски жени, затворени од сирискиот режим“.
Сепак, изјавите на монахињите не се сметаат за целосно објективни, бидејќи се кажани пред камерите на киднаперите, кои ги држат затворени против нивната волја. Привлекува внимание тоа што монахињите се без какви и да било христијански симболи. Во своето постаро интервју игуменијата Пелагија тврди дека сестринството е подготвено да прими маченичка смрт и дека нема да го напушти манастирот на своето послушание.
Извор: Двери.бг