Грузискиот патријарх против новиот грузиски закон за локална самоуправа
 
 
 
 
 

Грузискиот патријарх против новиот грузиски закон за локална самоуправа (09.12.2013 18:43)

Грузискиот парламент го одложи усвојувањето на значајниот закон за локална самоуправа откако истиот беше остро критикуван од влијателниот патријарх на Грузиската Црква.

Предлог-законот ќе биде изменет, и повторно ќе биде разгледан во петок (13.12.2013г.). Властите во Грузија не прецизираат кои промени ќе ги направат во предлог-законот, но речиси е сигурно дека промените ќе влијаат врз моќта што централната власт ќе им ја делегира на локалните самоуправувачки региони. Се шпекулира дека законодавците целосно ќе ја отфрлат идејата за воспоставување на регионални совети, и дека наместо нив ќе се предложи формирање на помалку независни и понемоќни тела.

Во средата (4.12.2013), Неговата Светост, патријархот Илија II, беседејќи во соборниот храм Светитсковели во М’цкета, изјави дека носењето на ваквиот закон ќе придонесе за поголема дезинтеграција на државата. „Ако овој закон се усвои, истиот ќе резултира со целосна дезинтеграција на Грузија. Никогаш нема да го прифатиме ова и ќе направиме сè за истото да го спречиме“.

Според анализите, патријархот Илија е најпопуларната личност во државата, и дури 97% од грузискиот народ се изјаснил дека има доверба во него. Токму затоа ваквата остра изјава од негова страна предизвика моментално одложување на носењето на законот, и изнуди средба со премиерот, г. Иракли Гаривашвили и претседателот на Собранието, г. Давид Усупашвили.

Невладините организации во државата негодуваа поради ваквата одлука за одложување, повикувајќи да не се слуша Црквата, и да се продолжи со реформите.

Извор: www.dfwatch.net