Се реновира црквата на Рождеството Христово во Витлеем (14.12.2013 13:01)
Поклониците кои оваа година ќе се упатат кон Витлеем за да го прослават Рождеството Христово ќе бидат дочекани од малку поинаков изглед на црквата на Рождеството. Имено, опколена со скелиња, црквата лоцирана на местото кадешто според преданието се наоѓала пештерата во која по плот се родил Господ Исус Христос, се реновира после цели 600 години.
Надлежните велат дека од покривот протекувала вода, со што на мозаиците и на другите скапоцени предмети им се заканувало уништување. Менаџерот на фирмата-изведувач на проектот, г. Афиф Твеме вели дека првата фаза започнала во септември, и е посветена на санирање на покривот и прозорците.
„Влагата лошо влијаеше на мазните површини, на мозаиците, подот, фреските. Се закануваше да ги уништи сите историски артефакти во храмот“, продолжи менаџерот на палестинската „Комјунити Дивелопмент Груп“. Тој исто така потврди дека изведувачот се обврзал нарушувањето на редовниот протокол во храмот да го сведе на минимум, осигурувајќи го „слободното и непречено посетување на поклониците во црквата“.
Црквата на Рождеството Христово секоја година ја посетуваат над 2 милиони верници од целиот свет. Изградена е во времето на светата царица Елена (4 век), а проширена и надградена во времето на светиот цар Јустинијан, во 6 век. Лоцирана е во Витлеем, на самоуправувачка палестинска територија. Палестинските власти се главните финансиери на ова реновирање, изјави г. Зиад ал-Бандак, советник за христијански прашања на претседателот г. Махмуд Абас. Според него, власта вложила еден милион долари, а приватниот сектор 800 илјади долари. Остатокот од средствата бил дониран од европските земјки, како Франција, Унгарија, Русија и Грција, со што се заокружила сумата од 3 милиони евра, потребни за првата фаза од проектот, која се очекува да заврши до септември следната година.
Целиот потфат ќе трае четири до пет години.
Извор: The Associated Press