Албанија се подготвува за празнување на Рождеството Христово
 
 
 
 
 

Албанија се подготвува за празнување на Рождеството Христово (22.12.2013 17:10)

Албанската православна црква се подготвува за одбележување на празникот на Рождеството Христово, коешто го празнува според григоријанскиот календар, на 25 декември. И додека во песнопенијата на црковните богослужби постојано се повторува благовестието дека Богородица се подготвува да Го роди Синот Божји – „Христос се раѓа, славете“, Црквата во Албанија за свој приоритет ги има програмите развиени за секоја возрасна група, со посебен аспект на оние за деца и млади.

Православното основно училиште во Тирана го одржа својот празничен концерт на 20 декември; Православната младина „Синови на Светлината“ го закажа својот божикен концерт за 26 декември. Канцеларијата за веронаука ќе одржи серија на активности со деца и млади во неколку града и села низ Албанија. Повеќе групи деца ќе учествуваат во посебни коледарски и божикни програми.

Централната канцеларија за деца организира активности во кои на интересен начин, преку скечеви, се учат основите на православната вера, но и молитви и божикни песни. Денес (22 декември) се одржа централната активност на посетување на домовите на децата, и пеење на божикни песни.

Исто така, куклен театар помина низ следните градови и населени места: Тирана, Вљора, Фиер, Берати, Грамши, Либражд, Каваја, Драч, Тошкез, Агим, Штрмер, Шијон, Ѓинар, Св. Влах и Рушкул, и приреди претстави за околу илјада дечиња. Преку претставите на куклениот театар, децата имаа можност да научат нешто повеќе за смирението, проштевањето и љубовта, а на соодветен начин им беше покажано дека причината поради која бебето Христос дојде на овој свет е големата Божја љубов за човештвото.

Извор: Orthodoxalbania.org