Патријархот Кирил упати апел за посвојување на дечиња
 
 
 
 
 

Патријархот Кирил упати апел за посвојување на дечиња (14.01.2014 13:04)

Неговата светост, Патријархот Московски и Руски г.г. Кирил упати апел до православните верници за посвојување на малото девојче Мила, коешто преку писмо му упати апел велејќи дека би сакала да има свои родители.

Поглаварот на Руската православна црква во средата им го честита Рождеството Христово на децата поканети на Патријаршиската Божикна забава. За време на прославата, Патријархот им се обрати на присутните.

„Треба да помниме дека колку повеќе добро им правиме на луѓето, толку повеќе добро ни се враќа нам, и ние стануваме посреќни… Најпрво, би сакал да упатам апел до православните христијани да не се плашат од посвојување на сирачиња. Ниту еден човек кој посвоил дете и себеси се предал на него не е несреќен; нему стократно му се зголемува среќата“, изјави Патријархот.

Ѓакон Александар Волков, директор на Патријаршиската инвормативна служба откри дека Мила пораснала во сиропиталиште затоа што била напуштена од своите родители при раѓањето. Таа сега живее во Марто-Марииниот женски манастир во Москва, и е второ одделение. „Имала здравствени проблеми со зглобовите. Пред некое време му пишала на Патријархот, замолувајќи го да се моли за неа, за родителите да ја најдат“, нагласи отец ѓакон Александар.

Патријархот Кирил ја покани Мила на Патријаршиската Божикна прослава во Кремлин, кадешто двајцата се сретнаа и разговараа во живо.

„На денешната прослава дојдов со едно мало девојче со име Мила, кое седи тука. Таа сè уште живее во сиропиталиште, но се молам дека ќе се најдат мајка и татко кои ќе ја посвојат. Навистина се надевам дека ќе се случи ова, – изјави Патријархот во неговото обраќање, а потоа додаде – Одгледувањето деца не е забава и рекреација; тоа е многу тешка работа. Доколку прифатиме некого со вродена или здобиена маана, а некогаш дури и болест, стануваме носители на една голема и света мисија. Предавајќи им ги своите срца и души на овие деца, стануваме пастири, здобиваме вистинска радост, и љубовта и благодарноста што за возврат ги добиваме, додаваат прекрасни бои во нашите животи“.

Извор: RIA Novosti