Обраќање на Патријархот Кирил на конференцијата Женева II
 
 
 
 
 

Обраќање на Патријархот Кирил на конференцијата Женева II (24.01.2014 02:13)

Женева II – Конференција за Сирија е меѓународна мировна конференција за иднината на Сирија поддржана од Организацијата на Обединетите Нации. Конференцијата се одржува од 22 до 24 јануари 2014 година во Женева, Сирија.

Денеска светот со надеж очекува од вас решителни дејствија за мирно регулирање на крвавиот конфликт во Сирија. Одговорноста која лежи на вас е тешко да се оцени. Големината на трагедијата која се случува во Сирија еве веќе три години, е огромна; жртви на вооружениот конфликт станаа стотици илјади невини луѓе, бројката на бегалци и на принудно расселени лица се искачува кон милиони.

Од името на Руската православна црква ве повикувам да направите сè што е возможно за брзо и безусловно прекратување на воените дејствија и почеток на општесириски дијалог, во кој би можеле учество да земат сите политички сили и целото граѓанско општество. Ние сме убедени дека Сирија треба да остане држава во која се почитуваат сите права и достоинства на претставниците на сите национални, етнички и религиозни групи. Сигурноста и религиозната слобода на христијаните кои на Блискиот Исток живеат веќе околу две илјади години треба да бидат апсолутно гарантирани, затоа што и тие се составен дел на сириското општество, како и сите други жители во државата.

Прв чекор кон мирот и стабилноста треба да биде ослободувањето на заложниците и недопуштањето на оскверување на религиозните светињи, спомениците на културата и историјата. До ден денес не е извесна судбината на двајца христијански јерарси – митрополитите Павел и Јован Ибрахим, киднапирани во април минатата година во околината на градот Алеппо. Сѐ уште се држат во заточеништво игуманијата и монахињите на манастирот света Текла во Малула. Нивното брзо ослободување ќе биде видлив доказ за подготвеноста на опозицијата да се пронајде мир и согласност во сириската земја.

Руската православна црква ги вознесува своите молитви за мир во Сирија и прави сѐ што е возможно за да се пројави реална помош на постраданото население, независно од националноста и верата. Но лошата положба во која се наоѓаат стотици илјади луѓе, како во самата Сирија, така исто и бегалците во соседните држави, бара нови сеопфатни дејствија на целото светско општество, за да се пројави итна хуманитарна помош на жртвите на воениот конфликт.

Ги повикувам луѓето со добра волја да направат сѐ што е возможно за да престане ескалацијата на насилство во Сирија, да се прекрати интервенцијата на терористичките и екстремистичките групи, нивната финансиска и вооружена поддршка од надвор, да му се даде можност на народот во Сирија сам да реши по кој пат ќе оди понатаму.

Ги повикувам луѓето чиишто раце се извалкани во крвта на мирните жители, да се вразумат и брзо да прекинат со беззаконието. Запомнете – лесно е да се разруши мирот, а раните на војната се лечат десетици години и човечките животи невозможно е да се вратат. Секој чекор кон помирување, кон враќање на поредокот и кон градење на благосостојбата на луѓето, ќе бидат благословени од Бога.

Моите молитви денес се за тоа, семето на мирот, кое учесниците на конференцијата се повикани да го посеат, да принесе добри плодови за секој жител на Сирија.

Кирил, Патријарх Московски и Руски