Грчкиот Архиепископ ракоположи во ѓакон монах од Уганда, Африка
 
 
 
 
 

Грчкиот Архиепископ ракоположи во ѓакон монах од Уганда, Африка (13.02.2014 10:43)

Во неделата на 9 февруари во храмот „Св. Дионисиј Ареопагит“ во областа Коланаки, Атина, Атинскиот Архиепископ Иероним го ракоположи во ѓакон монахот од Уганда, соопшти сајтот Догма. Јероѓаконот се вика Никола (Кабује) и е студент во трета година на Богословскиот факултет при Атинскиот универзитет. Тој потекнува од римокатоличко семејство кое преминува во Православие. За младиот Грција стана втора татковина, но Архиепископот Иероним го повика да не ја заборави матичната и проблеми кои ги имаат неговите сонародници.

„Остави сѐ во рацете на Бога и Тој ќе ти помогне, зашто те љуби“, со тие зборови се обрати кон јероѓаконот Архиепископот Иероним за време на богослужбата, на која присуствуваше мноштво народ.

Првите возгласи на новиот јероѓакон Никола беа на јазикот свахили – месниот јазик во регионот откаде потекнува.

Во Африка има стотици илјади православни Африканци, од кои веќе има епископи и митрополити. Главниот дел од свештениците се Африканци кои учеле во Православното училиште во Најроби, Кенија, но исто така и во богословиите и академиите или факултетите во разни градови: Париз, Њујорк, Бостон. Поради тоа што Александриската Патријаршија, односно високит клир се служи со грчкиот јазик како официјален (самиот Патријарх Теодор II е роден на островот Крит) врските на православните во Африка се најтесни со грчките православни училишта.

Претходно, на истата Света Литургија, Архиепископот Иероним го ракоположи во јероѓакон Нектариј (Стојан). Во честитката кон новоракоположениот Архиепископот истакна: „Секој твој чекор да започнува и да завршува кај жртвеникот. Било да те поздравува народот или да ти ракоплеска, или да те каменува, или да те клевети, тој треба да биде твојата цел – почеток и крај на твојот пат да биде жртвеникот на нашиот Господ“.

Истиот ден на пладне Архиепископот Иероним замина на двомесечно лекување во Минхен, Германија, поради старата повреда на нозете предизвикана од сообраќајна несреќа.

Извор: Двери.бг