Старо-нов вид на прогонство на христијаните во Сирија (04.03.2014 13:44)
Прогонството на христијаните од страна на радикалните муслимани во Сирија поприма старо-нова форма. Во градот Ар-Ракаш на северот од Сирија, членови на групата „Исламска земја на Ирак и Шам“ објавиле дека ќе им подарат „заштита“ на христијаните доколку тие редовно ги плаќаат своите давачки и поретко богослужат. Од страна на руските власти овој потег беше квалификуван како повреда на основите човекови права.
Откако ја презедоа контролата врз Ар-Ракаш, исламистите ја возобновија вековната политика на воведување на специјален данок за немуслимани. Доколку немуслиманското население сака да го зачува своето право за „слобода“ на вероисповедание, истото мора да плаќа данок на властите; во спротивно, доколку одбијат да ја примат муслиманската вера, властите не гарантираат за нивните животи. Овој данок изнесува од 1 до 4 динари.
На христијаните исто така не им е дозволено да се молат во црквите, да градат нови или да ги реновираат старите и дотраени цркви. Понатаму, тие не смеат да носат крстови, ниту други симболи на нивната христијанска вера, да пијат алкохол и да чуваат оружје во своите домови. На христијанските жени им е наложено да се облекуваат традиционално, согласно стандардите за изгледот на жената на Блискиот Исток (хиџабот, односно покривалото за глава е задолжителен дел од облеката). Населението коментира дека всушност, христијаните во Ар-Раках се ставени пред изборот да станат муслимани, или да бидат убиени. Од почетокот на судирите во Сирија, бројот на христијанско население во овој град се спушти под 1%.
Поглаварите на повеќе христијански деноминации веќе подолго време предупредуваат за репресивната политика на сириските исламисти. Поглаварот на Руската православна црква, Патријархот Кирил цели три години ја повикува светската јавност да застане против убивањето на христијаните, кои биваат убивани само поради својата вера. „Само во 2013 година – изјави Патријархот, се убиени повеќе од 70.000 христијани во Сирија. Не смееме да останеме индиферентни пред она што им се случува на нашите браќа и сестри во Христа.“
Минатата година, Руската православна црква испрати повеќе тони хуманитарна помош за Сирија. Руските парохии пак, од своите парохјани собраа повеќе од 40 милиони рубљи (повеќе од 800.000 евра) за помош за сириското население.
Извор: pravmir.com