Константинополската Патријаршија планира да го ограничи приливот на негрчки монаси на Света Гора
 
 
 
 
 

Константинополската Патријаршија планира да го ограничи приливот на негрчки монаси на Света Гора (06.03.2014 09:53)

Повикувајќи се на сопствени доверливи извори, грчкиот портал Romfea.gr објави дека Светиот Кинот на Света Гора добил опширно писмо од Вселенскиот Патријарх Вартоломеј II, пренесува Православие.Ру. Во писмото е изразена загриженоста во врска со обидите за „автономизација“ на Света Гора и „измената на нејзиниот изглед“ преку неконтролираниот и неограничен прилив на монаси кои не се со грчко потекло.

Во писмото, Константинополската Патријаршија наводно соопштува дека во иднина планира да дава дозволи за населување на „негрчките монаси“ во гркофоните манастири. Во него, исто така е содржана и препорака според која вкупниот број на монаси-странци не треба да надмине десет проценти од вкупниот број светогорски монаси.

На овој начин, фактички се воведува забрана за населување на странци на Света Гора, затоа што во моментов, бројот на монаси со негрчко потекло е далеку над десет проценти од вкупниот број монаси. Светогорските монаси велат дека ова писмо отвора многу прашања, особено во времето кога „Фанар зборува за својата борба со филетизмот (национализмот) во Црквата“. Ваквата поставеност на нештата, доколку се потврди, го доведува во прашање вселенскиот карактер на Света Гора, каде илјада години хармонично живеат Грци, Руси, Романци, Бугари, Срби, Македонци и монаси од целиот свет.

Според истите извори, Светиот Кинот на Света Гора планира да го разгледа посланието на Патријархот после првата недела од Постот.

Извор: pravoslavie.ru