Заседаваше подготвителната комисија во Константинополската Патријаршија (06.03.2014 12:51)
Вчера, на 4 март 2014 година, со благослов на Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх Вартоломеј II, а под претседателство на Пергамскиот митрополит Јован, заседавала подготвителната комисија пред средбата на поглаварите на Помесните православни цркви во Фанар, во која учество зеле митрополитот Гвинејски Георгиј (Антиохиска Патријаршија), митрополитот Буенос-Аирешки и Аргентински Силуан (Антиохиска Патријаршија), архиепископот Антидонски Нектариј (Ерусалимска Патријаршија), митрополитот Волоколамски Иларион и протопрезвитерот Михаил Балашов (Московска Патријаршија), митрополитот Зугдидски и Цајшки Герасим (Грузиска Патријаршија), митрополитот Црногорски и Приморски Амфилохиј и протопрезвитерот Гајо Гајиќ (Пеќка Патријаршија), митрополитот Тирговиштски Нифон и протопрезвитерот Михаил Тица (Романска Патријаршија), епископот Стобиски Наум (Бугарска Патријаршија), митрополитот Пафски Георгиј (Кипарска православна црква), митрополитот Месинијски Хризостом (Атинска архиепископија), митрополит Корчански Јоан (Албанска православна црква) и епископот Семјатичски Георгиј (Полска православна црка).
Комисијата разгледала цел пакет на важни прашања: прогонството на христијаните на Блискиот Исток, развојот на настаните во Украина, како и напуштањето на христијанските приниципи од страна на Западот. Во овој контекст спаѓаат и темите на биоетиката, пред сè заменското (сурогат) мајчинство и пресадувањето на ограни.
Секако, доминантна тема бил претстојниот Сеправославен собор, чиишто подготовки траат повеќе од половина век. На оваа тема исцрпно излагање имал митрополитот Волоколамски, г. Иларион, кој ја потенцирал важноста и потребноста за свикување на ваквиот Собор. Очекувано, тој забележал дека е потребно да се ревидираат определени документи кои биле создадени во определени етапи од подготовките за свикување на Сеправославниот собор, а кои, според него, треба да се редактираат со цел да ја отсликаат денешната реалност.
Подготвителната комисија ќе продолжи да заседава и денес, подготвувајќи го посланието коешто во оваа недела, Неделата на православието, од амвонот на патријаршиската црква на св. Георгиј, поглаварите ќе го упатат кон полнотата на Светата Црква и кон целиот свет.
Извор: dogma.gr, romfea, gr, pravoslavie.ru