Поглаварите решија: Вселенски собор ќе има во 2016 година
 
 
 
 
 

Поглаварите решија: Вселенски собор ќе има во 2016 година (07.03.2014 21:27)

Според сѐ уште неофицијална, но сигурна информација, Поглаварите на помесните Православни Цркви денес сепак донеле одлука за одржување на Свет и Вселенски собор на Православната Црква. Тој најверојатно ќе се случи во 2016 г., а Соборот ќе се одржи во храмот „Св. Ирина“ во Истанбул. Таму во 381 г. се одржал Вториот Вселенски собор, кога е утврден Никејско-Константинополскиот Симбол на верата. Денес, храмот е музеј и дел од музејскиот комплекс „Топ-кап“, но никогаш не бил џамија.

По дводневните дискусии Поглаварите решиле секоја Црква да учествува со по 20 архиереи. Потсетуваме дека руската позиција до тој момент беше секоја Црква да учествува со сите архиереи, што природно ѝ даваше огромна бројна предност на Московската Патријаршија, која самата има толку епископи колку што имаат сите останати помесни Православни Цркви. Кипарскиот Архиепископ Хризостом ІІ вчера предложи секоја Црква да учествува со по 12 архиереи заедно со Поглаварот.

Кај вториот спорен момент за начинот на донесување на решенијата Поглаварите решиле секоја Црква да има по еден глас, а решенијата да се донесуваат со целосна едногласност. Принципот за целосна едногласност при гласањето беше поддржано од Московската Патријаршија и повеќето останати Помесни Цркви. Затоа Московскиот и на цела Русија Патријарх Кирил не ги прифатил аргументите дека тоа противречело на практиката на Вселенските собори. Константинополската Патријаршија предлагала решенијата да се донесуваат со мнозинство на гласови. На крајот, за да не се попречи свикувањето на Соборот, константинополската делегација отстапила, а заедно со неа и уште неколку грчко-јазични Цркви, и така е усвоено ова решение.

Попладнево работи специјална комисија за подготовка на конечниот документ од средбата на Поглаварите, а делегациите ќе присуствуваат на Акатистот на Пресвета Богородица во храмот „Св. Архангели“ во „Бкуку-даре“ крај Босфор, недалеку од Црното Море.

Извор: Двери.бг