Ослободени се монахињите од манастирот „Св. Текла“ (10.03.2014 12:00)
Дванаесетте либански и сириски монахињи кои во декември минатата година беа киднапирани од манастирот на света Текла во историскиот град Маалула денес се ослободени и се на пат кон Сирија, објавиле либиски извори, а пренесува Russia Today. Според извори од Ројтерс, монахињите на почетокот од минатата седмица биле пренесени од Јабруд во селото Арсал, на западот од Либан.
Местото кадешто биле чувани, како и условите во кои се наоѓале беа непознати повеќе од три месеци, а првите вести за нивното грабнување се појавија на почетокот од декември, кога муслиманските бунтовници влегоа во малото христијанско гратче Маалула, споменик на културата на UNESCO во источна Сирија. Нивното киднапирање беше резултат од судирите меѓу бунтовничките сили и сириската армија за контрола над стратешкиот автопат кој води од Дамаск до Хомс.
„Она што сириската армија го постигна во Јабруд го олесни процесот на ослободување на монахињите“, изјави за новинарите викарниот епископ Лука Кури.
Сè уште не е јасно кој ги киднапира монахињите, и зошто се ослободени токму сега. Сепак, Сириската мониторинг група за човекови права (организација блиска до бунтовничките групи) неофицијално обелодени дека киднаперите се милитанти од Фронтот Нусра, келија на ал-Каеда која се бори против силите на претседателот Башар ал-Асад. Главна улога во преговорите за ослободување на монахињите, неофицијално, имале шефот за национална безбедност на Либан и главниот разузнавач на Катар.
Фронтот Нусра претходно побарал ослободување на 500 заробени бунтовници како услов за ослободување на монахињите. Извор блиски до бунтовниците, пак, јавуваат дека ослободувањето следело како резултат за размена на затвореници. Според нив, од затворите со кои владеат силите на претседателот Башар ал-Асад биле ослободени 138 женски затвореници, пренесува Ројтерс.
Терминот на ослободување наводно се совпаѓа со договорот за прекин на огнот во Јабруд, кој започнува денес на зајдисонце.
Извор: Russia Today