Патријархот Кирил: Патот кон Соборот е пат на созревање во љубовта и единството
 
 
 
 
 

Патријархот Кирил: Патот кон Соборот е пат на созревање во љубовта и единството (11.03.2014 14:07)

Во недела, на 9 март 2014 година, во Истанбул се одржа свечен прием во чест на учесниците на средбата меѓу поглаварите и претставниците на помесните Православни цркви. На Синаксисот кој траеше од 5 до 9 март се расправаше за повеќе прашања поврзани со подготовката за Сеправославен собор, соопштува patriarchia.ru.

„Денешниот ден претставува круна и заклучок на напорите кои изминатите денови станаа заеднички придонес кон зајакнување на нашето единство во време на искушенија и опасности“, истакна во своето обраќање до присутните на приемот Неговата Светост, Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј. Самиот факт дека се состанавме покажува од колку сериозно значење е тоа за сите. Личното присуство е неопходно поради љубовта која нè поврзува. Црквата од Константинопол и ние лично длабоко го цениме големиот дар на Вашето доаѓање и престојување со нас. Вие, од Ваша страна вложивте труд и жртва за да одговорите на нашиот повик, на што од сè срце ви благодариме. Ние ќе го зачуваме живото сеќавање на секој од вас, вознесувајќи непрестани молитви кон нашиот Господ. Истото го молиме и од вас, очекувајќи дека ќе се молите, како за нас, така и за Црквата од Константинопол“.

На свечениот прием беше прочитано и обраќањето на Неговата Светост, Патријархот Московски и Руски, г. Кирил, во кое, меѓу другото, се вели:

„Одот на Црквата низ историјата не е ништо друго, освен литија, претскажана од Самиот Нејзин Божествен Основач и Глава – нашиот Господ Исус Христос.

Не можам да кажам дека сите ние поминавме низ сите искушенија без последици и загуби: отсекогаш имало и ќе има пројави на човечки слабости, недостатоци во меѓуцрковниот дијалог, несогласувања и лични недоразбирања по некои прашања. Но, по милоста Божја, нам ни појде од рака во изминативе два милениума да го сочуваме она најглавното – чистотата на православната вера и нашето единство. Тоа богатство мора да го чуваме како зеницата на своето око. Само во тој случај ќе можеме успешно да го носиме нашето сведоштво и да бидеме светлина на светот и сол на земјата (сп. Мт. 5, 13-14), претставувајќи потпирка за христијанскиот свет.

Патот кон Соборот е пат на созревање во љубовта и единството. Штотуку завршениот Синаксис убедливо и живо ни покажа дека до посакуваното едномислие не нè доведува стремежот кон победа и одобрување на своите ставови, туку уважувањето на мислењата на другиот и подготвеноста максимално да се земе предвид положбата на секоја од Црквите, со што се забрзува предсоборниот процес.

Во центарот на нашиот дијалог би требала да стои заповедта која ни ја остави Господ: „Заповед нова ви давам: да се сакате еден со друг“ (Јн. 13, 34). Оваа љубов ние ја чувствуваме на секоја Света Литургија, а реално ја почувствувавме и денес. Иако понекогаш сме наклонети кон различни гледишта, ние искрено велиме еден на друг: „Христос е помеѓу нас“ – и искрено одговараме: „Е и ќе биде““.

Извор: pravoslavie.ru