Семејните вредности приоритет во Велигденското послание на Патријархот Илија II (24.04.2014 22:05)
Грузискиот Патријарх Илија II во овогодинешното Велигденско послание ги повика верните да го отфрлат лажниот либерализам и да ги заштитат моралните вредности, верата и Христијанството. Според него, времињата се промениле – животот во современиот свет е навистина тежок и преполн со искушенија.
Посланието беше прочитано од Неговото Високопреподобие, архимандритот Димитриј Давиташвили во соборната црква на Света Троица во Т’билиси, во која Патријархот богослужеше Воскресна Литургија на светиот и светоносен ден на Воскресението Христово. На Литургијата беа присутни и грузискиот премиер, г. Иракли Гарибашвили, заедно со неговата сопруга и членови од неговиот кабинет.
„Современиот псевдо-либерализам сака да ја уништи самата идеја за гревот. Тие (псевдо-либералите) мислат дека поимот на гревот ги „заробува“ луѓето и ги лишува од слобода. Токму затоа тие сакаат да ги уништат моралните вредности. Тие ги напаѓаат не само верските заповеди, туку воопшто, заедничките човечки вредности“, се вели во посланието на Патријархот.
Патријархот жали што Грузијците се сведоци на севкупен пад во различните области, како и зачестени случаи на предавство, себичност, отфрлање на семејните обврски и незаинтересираност. „Сето ова води кон сериозно нарушување на духовниот свет“, продолжува во ист тон Патријархот во посланието.
Понатаму, Патријархот се обрати кон семејните вредности и начинот на којшто треба да бидат воспитувани новите генерации. Родителите, според Неговата Светост, треба да бидат примери за нивните деца; тие треба да го надминат искушението на претерана грижливост и треба да сторат сè што во нивна моќ за да воспитаат физички здрава и интелигентна генерација, оспособена за аналитичко размислување и соодветно образувана.
„Нашата младина треба да чита верска и класична литература, како и книги со историска, психолошка и природно-научна содржина. Во спротивно, тие ќе бидат ограничени и ќе им биде тешко да носат правилни избори“.
„Не треба да се меша борбата за зачувување на достоинството со амбициозност, самоодбраната со насилност, говорењето на вистина и разобличувањето со осудување, и смирението со слабост. Неможно е да се остане незаинтересиран пред своите непријатели, и да не се брани минатото и иднината на својата земја, со збор и на дело“, се вели понатаму во посланието, во кое исто така се осудува и екстремизмот кој вообичаено води кон фанатизам, како девијација од вистината.
Извор: The Messenger Online