Обраќање на Митрополитот Онуфриј во врска со последните настани во Украина
 
 
 
 
 

Обраќање на Митрополитот Онуфриј во врска со последните настани во Украина (08.05.2014 10:04)

Веќе неколку месеци Украина минува низ сложени искушенија. Ситуацијата во регионите Донетск и Лугански останува крајно неспокојна. На 2 мај се случија ужасни настани во Одеса, каде како последица на крвавите судири и пожарот во Домот на синдикатите беа убиени повеќе десетици луѓе, а стотина други беа повредени.

Украинската православна црква го изразува своето сочувство до семејствата и блиските на сите погинати. Ги вознесуваме нашите молитви за покој на душите на оние што заминаа од нас, и за брзо закрепнување на повредените. Божјата љубов нè прегрнува сите. Сите наши страсти и противставености исчезнуваат во океанот на Божјата милост. Токму затоа Црквата Христова не ја дели својата паства на етнички или политички основ. Ние се молиме за сите, без оглед на која страна од барикадите се наоѓаат.

За време на месеците на социо-политичка криза во Украина, нашата Црква упорно повикуваше на помирување и бараше начин за спречување на крвопролевањето. Се обраќавме и до Владата и до опозицијата, повикувајќи ги да престанат со судирите и да седнат заедно на преговарачка маса. Денес политичката ситуација во државата се промени, но позицијата на Црквата останува иста. Пак и пак ние ја повикуваме новата власт и новата опозиција да вложат што поголем напор за да се прекине крвопролевањето. Повторно и повторно повикуваме кон вас, наши драги сонародници: Застанете! Ставете крај на насилството; не користете оружје против своите браќа и луѓето со иста вера!

Должни сме да сфатиме дека ниту една политичка идеја не е вредна за крвопролевање. Едно праведно општество не може да биде изградено врз насилство, агресија и противставеност. Навистина, меѓу граѓаните на Украина постојат суштински противречености. Не треба своите очи да ги затвораме пред ова. Сепак, взаемното разбирање и компромис му следуваат не на оружјето во раце, туку на преговарачката маса. Секое насилство генерира уште повеќе насилство. И секое убиство вклучува нови жртви. Овој пеколен круг може да го прекинеме, и да не му дозволиме на ѓаволот да ја претвори нашата земја во братоубиствено поле.

Во ова сложено време, ги повикувам свештенослужителите на Украинската православна црква да покажат одмерено и одговорно пастирско поведение. Треба да запомниме дека мисијата на Црквата е ширење на благата вест за помирувањето на човека со Бога, но и со другите луѓе. Свештенството треба да стори сè што може за да ја сопре ескалацијата на конфликтот.

Ги повикувам сите верни на Украинската православна црква кон усрдна молитва. Да просиме од Господ Исус Христос, по молитвите на Неговата Пресвета Мајка, да нè сочува од непријателства и братоубиства. Да допуштиме мирот Христов и взаемното простување да влезат во нашите срца!

+ Онуфриј
Митрополит Черновицки и Буковински
Местобљустител на Киевската митрополитска катедра

Извор: Mospat.ru