Антиохискиот Патријарх Јован X во пастирска посета на Обединетите Арапски Емирати (21.05.2014 09:11)
Антиохискиот Патријарх Јован X се наоѓа во пастирска посета на Обединетите Арапски Емирати. Како дел од програмата на посетата, Неговата Светост ги посети антиохиските парохии во Абу Даби, а со крст беше одликуван и преподобниот архимандрит Стефан Најме поради извонредни заслуги за „сеењето на семето Христово, кое дава обилен плод“. Следниот ден патријархот го положи и освети камен-темелникот на новата црква посветена на светиот пророк Илија.
Во понатамошниот тек од посетата, Патријархот беше примен од шеикот Нахјан бин Мубарак Ал Нахјан, Министер за култура, млади и развој на заедниците. За време на посетата, и двајцата разменија срдечни поздрави, по што стана збор за политиката на меѓуверска толеранција, соживот, мир и сигурност за сите граѓани на Емиратите. Неговата Светост се заблагодари за уважената слобода на стадото што му е доверено во поглед на непречено верско делување и недискриминирачка трудова политика од страна на властите на ОАЕ.
Извор: Антиохиска Патријаршија