Браќа по дух и по тело. Монаси-близнаци пишуваат докторати и спасуваат сираци (18.06.2014 11:42)
Јеромонасите Кирил и Методиј (Зинковски) – се единствените браќа-близнаци во Русија, кои примиле монаштво во ист ден и час.
Јеромонасите Кирил и Методиј – дипломанти на Политехнички факултет, доктори на науки. Сепак, се откажале од кариерата во Америка, избирајќи го служењето на Бог и на луѓето во Русија, во околината на Петербург.
Дури бонбони јаделе синхронизирано
Како деца, Стас и Жења биле пионери, го читале „Последниот Мохиканец“ и напишале во дневникот „Белите – американците, црвените – советските луѓе. Лидер на црвените – Брежнев“. Со трепетно срце ги гледале филмовите за Великата Татковинска војна[1], со подготвувале да ѝ служат на Татковината. Од школо носеле петки, се занимавале со борба и сите ги изненадувале со ретката еднодушност во сè. „Тие дури бонбони јадеа синхронизирано: истовремено ги отвораа, истовремено ги ставаа во уста и џвакаа. Не се сеќавам некогаш да се карале, а уште помалку да се тепале“, ‒ раскажува на „АиФ“, мајката на браќата, Људмила Ивановна.
„Ние и конспекти (белешки од предавања) читавме од иста тетратка, ‒ велат веќе самите браќа. – Тоа не е поврзано со тоа што сме близнаци. На пример, еден спрат погоре од нас, исто така живееја момчиња-близнаци, но тие во училиште одеа по различни улици. А јас и брат ми не се делевме. Тоа што живееме душа во душа ‒ не е наша заслуга. Тоа е дар Божји“.
И таткото, професорот Анатолиј Зинковскиј, и мајката на браќата, нивното решение да станат монаси го примиле со негодување. Сепак, имено моментот на постригот за родителите станал момент на вистината... „Работата е во тоа што, кога бев бремена, лекарите не знаеја дека носам близнаци, ‒ раскажува Људмила Ивановна. – Кога се роди првото дете, јас им реков дека повторно имам напади. Сестрата мафна со раката. Но, сепак, дојде лекарот и сфати дека доаѓа второто дете. Пораѓајот траеше 24 часа. И кога се појави и вториот син, тој неколку минути не дишеше. Јас бев многу загрижена. Конечно, одговорната сестра ми ги донесе повиените близнаци: „Не се секирајте, мамичке, сè е во ред со вашите Кирил и Методиј!“. Дваесет и нешто години јас ја имав заборавено таа фраза, и за време на постригот на синовите сфатив, дека таква е волјата Божја“.
Браќата служат во Вирица, во околината на Петербург. Овде, помеѓу величенствените вековни борови, стои Казанскиот храм, а покрај него, во параклисот лежат моштите на подвижникот од XX век – светиот преподобен Серафим Вирицки, чудотворец (1866-1949). Кога тие места биле окупирани од фашистите, еден од германските офицери, кога чул дека во Вирица живее проѕорлив Старец, дошол и го прашал преподобниот Серафим: „За колку време нашите војски ќе ја заземат Москва?“ „Никогаш. Вие ќе ја изгубите војната“, ‒ одговорил светителот. Со офицерот Старецот зборувал на германски јазик – до примањето на монаштво преподобниот бил еден од најбогатите трговци на Руската империја. Неговата фирма имала повеќе од 10 претставништва во странство, тој често патувал таму и пишувал: „Браќа, подобра од нашата земја јас не најдов. Подобра од нашата вера, јас не видов“.
Пророштва на Старецот
Како студенти, идните отци Кирил и Методиј, исто така често биле во странство. А после прекрасната одбрана на десертациите, им предложиле да изберат да стажираат по една година во САД или во Холандија. Тие одбиле – претпочитале образование во духовна семинарија, и примање на монаштво.
Големо влијание врз нив имала средбата со свештеникот Јован Миронов, кој во 1991 г. ги крстил 21-годишните Стас и Жења. Оттогаш – тој е нивен духовник. „Отец Јован вели дека во својот живот не сретнал ниту еден лош човек. Притоа, тројцата негови родени браќа и сестра умреле од глад во логор, каде што нив, децата, ги сместиле заедно со мајка им, откако главата на семејството ја затвориле во затвор, затоа што се откажал да стапи во колективното стопанство. Еднаш, за време на голем студ, отец Јован, како мало дете, одел заедно со мајка му во бараката од логорот и истресол од главата своја вошки. Гледајќи ги инсектите на снегот, прашал: „А ним нема да им студи?“ Во војната, младиот Ванја Миронов бил артилерист и дошол до Кјонингсберг. После Победата дошол во Вирица за совет кај преподобниот Серафим и станал негово духовно чедо. А сега, веќе ги благослови неговите духовни чеда – да служат во Вирица, кај моштите на чудотворецот.
Оправдувајќи ги имињата на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, браќата ја продолжуваат традицијата на ученото монаштво, и ја завршуваат работата над нивните докторски десертации. Секој ја пишува својата, но притоа задолжително се советуваат еден со друг. Меѓу другото, кандидатските богословски десертации, браќата ги пишуваа во Оксфорд. А главна работа за која ги благословил духовникот, отец Јован – е да се грижат за сираци.
Пред седумдесет години, за време на војната, фашистите изградиле во Вирица концентрационен логор за деца, каде што загинале стотици деца од глад, студ и болести. „Тогаш нашите деца умираа од нападите на надворешните непријатели. А денеска во Русија умираат илјадници деца заради вината на нивните родители алхохоличари или наркомани, детските домови се преполни со деца, кои имаат живи родители“, ‒ нишаат со глава браќата. Некогаш, Стас и Жења сакале да се борат со злото. Станувајќи монаси, тие го избрале за тоа најтешкиот и најсигурен пат – да се спротивстави на злото со Љубов. Пред неколку години тие организираа во Вирица дом за деца-сираци со сложни болести. А на местото на логорот, каде што фашистите убивале деца, јеромонасите Кирил и Методиј планираат да основаат машки манастир. И веруваат дека ќе успеат во тоа, затоа што преподобниот Серафим Вирицки претскажал, дека тука ќе има не еден, а два манастири.
... Пред да си заминам, требаше да ставам печат врз работната потврда. Отецот ме посоветува, кај кого да се обратам: „Ако не го најдат печатот, нека ми се јават мене“. – „Простете, а вам – тоа е кому?“ – „Кирил“, ‒ се насмевна тој.
И покрај помошта од вирицките староседелци, јас не можам да сфатам кој е пред мене. Или поточно, дури не се ни трудам. Се насладувам со чудото – кога двајца луѓе се како еден, затоа што живеат душа во душа. И гледам дека исто такви чувства имаат и оние кои ги опкружуваат, и со среќна насмевка брзаат да земат благослов од отците. А едно девојче притрча до монахот со плишано маче: „Погали го и слушај: тоа пее!“. И тие заедно весело се насмеаја.
Шумат вековните борови. Злото е некаде далеку. А крај нас – Љубов.
[1] Војната со Германците.
Текст: Марија Поздњакова
Извор: Aif.ru