На 16 јуни се одбележа една година од упокојувањето на големиот романски Старец – архимандрит Јустин Парву
 
 
 
 
 

На 16 јуни се одбележа една година од упокојувањето на големиот романски Старец – архимандрит Јустин Парву (18.06.2014 10:04)

Поуки од Старец Јустин Парву

Човекот

Човекот е – или треба да биде! – половина љубов, половина борба, со цел да ја зачува љубовта неповредена и недопрена од злото.

Човекот и неговиот ближен

Човекот треба да биде суштество кое сочувствува со болката на братот, ближниот, со неговата радост...

Човекот не еволуира низ историјата; се чини дека тој деградира. На почетокот човекот го загуби рајот, но ги зачува душата и срамот за својата голотија, поради извршениот грев пред суштествата кои го опкружуваа. Покрај сето тоа, тој го зачува и ветувањето за враќањето во рајот. Ако, пак, сето ова го загуби, тој засекогаш ќе ја изгуби и можноста да се врати во рајот.

Човекот надвор од Црквата

Човек на човек му е ѕвер, кога тој се наоѓа надвор од крилото на Црквата, кога го заборава Божјото слово, кога не се раководи ни според човековите правила, ниту според Божјите, туку од краткорочните пресметки кои ѓаволот му ги фрла во неговиот ум.

Човекот во Христос

Затворите нѐ научија на едно: дека во Христос сите ние сме едно! Воопшто не е важно дали сте интелектуалец или прост човек...

Човекот и Божјата благодат

Како да се сфати тоа дека не може да не се биде „избран“. Секој христијанин може да биде „избран“ ако приложи минимална количина напор (подвиг). Тоа подразбира посветеност во молитвата и почитување на вредностите. Бог те „избира“ тебе, но ти треба да го слушнеш Неговиот повик.

Човекот живее во „два света“

Човекот живее во телото, но живее и на небесата. Затоа тој има ангелски образ, но и човечки. Тој живее во двата света истовремено. Со умот на небесата, а со телото на земјата. И кога ќе ја достигнеме таа состојба, ние подеднакво дејствително живееме во сегашноста, минатото и иднината.

Вистинскиот човек

Вистинскиот човек со сите свои енергии, пред сѐ духовно, се бори за тоа да го поедностави својот живот, за да сфати зошто живее. Човекот сака и треба да се бори за да излезе од лавиринтот во кој го ставил ѓаволот со сите свои соблазни... Наместо да го чува Господовото слово, кое е суштествено за неговиот живот, тој го чува лажното богатство и така нему му се предава на располагање.

Современиот човек

Современиот човек премногу се потпира на ситници и глупости, тој е опседнат со многу лажни идеи и не умее да избира.

Човекот „во“ Бог

Бог го создал човекот според Својот образ и подобие, затоа во секој човек живее Бог. Млад или стар, секој човек треба биде чист внатре во себе: тој никогаш не знае, кога ќе настапи крајот...

Човекот повеќе нема свој живот и длабочина, во него нема молитва, тој се оддалечил од сѐ што е поврзано со неговата внатрешна слобода.

Човекот и ангелот

Бог му дал на човекот умиление, смирение, тешкотии, за на тој начин да ја спознае тајната на животот. Ангелот му помага во тоа. Меѓу човекот и ангелот треба да се воспостави однос, кој ќе продолжи до спасението на душата. Ако нивниот однос се наруши и двајцата ќе се оладат, а ѓаволот ќе дојде и ќе го победи човекот без борба.

Човекот и Бог

Колку повеќе човекот се познава самиот себе, толку подобро Го познава Бог. Христос вели: „Сине, дај ми го твоето срце!“ – и човекот е должен да Му ја даде својата љубов искрена и чиста; тој не може да Му даде лажно срце, полно со гревови. Колку повеќе тој заедничари со гревот, толку повеќе се оддалечува од Бог и самиот од себе, па така и помалку знае за себе. Само во близина на Бог, само преку Него ние се спознаваме самите себе.

Човекот и рајот

Бог го истерал човекот од рајот поради неговата непромисленост, но и на земјата му ја дал Едемската градина, за да работи и да јаде од неа. Зависта, злобата и тагата нанесена на  ближниот, повторно го протеруваат човекот од рајот. Тој постојано паѓа, бидејќи последиците од првородениот грев не отстапуваат од него.

 

 

Извор: Православие.ру