Митрополитот на Касторија г. Серафим за архимандритот Георгиј Капсанис
 
 
 
 
 

Митрополитот на Касторија г. Серафим за архимандритот Георгиј Капсанис (19.06.2014 11:30)

Во утринските часови на големиот Господов празник Педесетница, што воедно е  и  ден на слегување на Пресветиот Дух, осум дена по упокојувањето на старец Мојсеј, во ист час, архимандритот Георгиј Капсанис, умировен игумен на светогорскиот манастир „Преподобен Григориј“, се префрли од земниот Жртвеник на Небесниот.

Тој е скапоцен бисер и благоухан цвет на атонската заедница. Како што е напишано за него, тој е признат за една од највидните личности на современото светогорско монаштво. Уште ќе пишуваат и, истовремено, ќе ги признат неговото богословско образование, неговата служба во Црквата, неговиот придонес во надворешната мисија, неговата борба за Црквата и за Православието, неговото учество во дејностите на светогорското монаштво.

Исто така, многумина, со право, ќе забележат дека тој беше автентичен духовен отец, искусен терапевт, затоа што под својот епитрахил не само што го успокои многубројното Григоријатско братство, туку и многу женски манастири во кои беше духовен отец, но и безброј луѓе, кои со доверба прибегнуваа кон неговото големо и љубовно срце.

Сите ќе застанат со голема почит пред овој сеправославен лик на Старецот Георгиј. Меѓутоа, уште откога ме запозна со него мојот старец Агатоник, па потоа и како ѓакон, презвитер и епископ на Црквата, јас го запознав како човек кој, покрај другите, имаше и една ретка добродетел. За неа сакам да приложам неколку слободни збора како неколку цветови на неговиот свеж гроб во Григоријатскиот манастир, каде што почива неговото чесно тело.

Старец Георгиј беше украсен со добродетелта на благородноста. И кога се согласуваше со својот соговорник, тој беше благороден. И кога не се согласуваше, пак беше благороден. И кога му укажуваше на некого гостопримство во неговиот манастир, во какво било својство да е гостинот, старецот пак беше олицетворение на благородноста. А таа благородност, која ја поседуваше и која излегуваше од просторот на неговата душа, не беше само обично добро однесување, ниту беше резултат на надворешното образование и на аристократското семејно потекло. Таа благородност не содржеше форми и правила за културен световен живот, туку беше плод на Светиот Дух. Тоа беше внатрешна состојба, која се должи на присуството на Утешителот, „Којшто беше вселен во просторот на неговата душа“.

Старецот, со неговото познавање на Отците на Црквата, знаеше дека христијанинот, а особено монахот, и уште повеќе духовниот отец, треба да поседува, според кажаното од св. Василиј Велики, „благородност и убаво однесување во разговорите и кон сите луѓе“. Старецот го имаше предвид советот на св. Исаак Сириски: „Благородност и чест кон сите луѓе; тој начин на однесување да го имаш секогаш“. И ова тој го задржа сè до последниот здив од својот живот.

А. Благороден човек не е оној кој ласка, ниту оној кој задолжува некого со убавото однесување. Тоа не е човек лицемерен и кој бара пофалби, туку е тој оној што укажува чест и ја исполнува Павловата заповед: „натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Рим. 12, 10). Затоа е напишано дека благородноста е резултат на најголемата добродетел – расудувањето. Би можеле да кажеме дека благородноста за душата е исто како што се светлината и очите за телото на човекот. Се сеќавам, секогаш кога го посетував манастирот „Преподобен Григориј“, тој се трудеше да направи сè за да го успокои срцето на младиот епископ и да најде илјада начини да го укрепи во неговата епископска служба. Онаа широка насмевка што ја имаше и зборовите полни со топлина, реално ја изгонуваа маглата на искушенијата и на тешкотиите, а на душата од секој човек ѝ даруваа мир и спокој.

Б. Благородниот човек како раководители во својот живот ги има едноставноста и искреноста. Тоа е она што нашиот народ го нарекува „ненаметливост“. Едноставниот и искрен човек ги одбегнува грубоста и дрскоста, дури и кога не се согласува, и ја пројавува убавината на својата душа, којашто се карактеризира со блескавост и чистота, нелукавост и непорочност. Кај благородниот човек не постои присуство на личен интерес и на себичност. Не постојат затскриеност, подлост и злоба. Благородниот човек се одликува со смелост на мислењето, а не со дрскост. Дрскоста не е сила, туку е слабост. Спротивно на тоа, смелоста е витештво на душата и присуство на Пресветиот Дух. Таа искреност на сетилата и таа смелост (не дрскост), старецот Георгиј ги поседуваше во однос на прашањата за исповедање на верата, за догматски, црковни, монашки и духовни теми.

В. И уште нешто: благородниот човек е оној кој цени и почитува. Тоа е оној кој наоѓа начини и шанси да го почести и да му покаже љубов на другиот, затоа што во личноста на другиот тој Го среќава Христос. На ова советуваше и еден друг светител на нашата Црква, Старец Амфилохиј од Патмос. А таа чест не е лицемерна, туку е изворна и вистинска. Таквото однесување на Старецот ја немам само јас лично констатирано, туку и сите оние кои имале комуникација со него. И во манастирот, и во метосите каде што го посетував, и во многубројните наши лични средби, како и во многуте негови телефонски повици, јас реално ја препознавав таа изворна и вистинска чест. Самиот тој како благородник, правеше и другиот да се чувствува како благородник. Тој ми велеше: „Немој да се плашиш; чекори во животот согласно со Божјата волја, а таму каде што запираат твоите сили, тогаш почнува да дејствува Бог“.  Таа изворна добрина, години наназад, ја запознал и неговиот близок пријател, мојот старец Митрополитот Агатоник. Затоа и му ги возврати љубовта, почитта и честа кон неговата личност. Тој ми велеше: „Не можеш ни да замислиш какво богатство за нашата Црква е о. Георгиј, ниту, пак, можеш да сфатиш колкав Божји благослов поседува тој човек“. И не е случајно тоа што токму на денот на Педесетница Старецот Георгиј замина кон Небесниот Жртвеник, за да го продолжи таму бескрвното свештенодејствување. Педесетница е ден кога на човечкиот род му се доделуваат даровите на Светиот Дух, коишто тој богато ги вкуси во својот живот.

Блаженоупокоен Старче,

Од Небесниот Жртвеник, од каде што со смелост, заедно со свети Никола, со света Анастасија Римјанска и со преподобен Григориј ктиторот, претстојателствуваш, моли се и за нас. Сега и од таму каде што се наоѓаш, благословувај ги твоите духовни деца: епископи, монаси, монахињи, лаици и целокупниот Православен род. Сега и ти ќе можеш, со смелост и слободно, да ги повторуваш апостолските зборови: „Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата; Отсега натаму ми е подготвен венецот на правдата“ (2. Тим. 4, 7 – 8).

Вечен нека ти споменот, многупочитуван мој Старче!

Извор: Скопска епархија