И покрај заканата од ебола, отец Теми Адамс останува во Сиера Леоне
 
 
 
 
 

И покрај заканата од ебола, отец Теми Адамс останува во Сиера Леоне (17.08.2014 13:12)

Соочен со ширењето на смртоносниот вирус Ебола во Сиера Леоне, еден храбар свештеник, мисионер и поранешна рок-ѕвезда, Архимандрит Темистокле Адамопулос (или како што го знаат низ светот, отец Теми Адамс), го откажа своето патување во Австралија (со агенда за прибирање на финансиски средства за неговата мисија) и одлучи да остане со 3000-те семејства, негови парохјани, во Фритаун, главниот град на земјата. Истовремено, Владата на Сиера Леоне размести стотици воени и полициски трупи за да го осигура спроведувањето на карантин за заразените пациенти.

Светските новински агенции пренесуваат дека Сиера Леоне е центарот на најлошата епидемија на Ебола во историјата, која се прошири во четирите соседни земји. Земјата со 5.7 милиони жители има 646 заразени и дури 273 починати како последица од вирусот.

И покрај овие бројки, и фактот што во земјата е на повидок нов бран нереди и уличен криминал, отец Теми раководи со неколку центри на Православната Мисија и вели дека едноставно не може да замине и да ги напушти луѓето кои му се доверени. Во изјава дадена за една волонтерска организација, поранешната рок-ѕвезда, а сегашен православен свештеник напишал:

- Како што знаете, моето патување за Австралија беше закажано пред 12 месеци, пред да се појави скорешното трагично ширење на Ебола во Сиера Леоне, и беше планирано за 7 август. Би сакал да ги објаснам причините за мојата цврста и тешка одлука за одложување на овогодинешното патување во Австралија. Нашиот Господ Исус нè поучил дека пастирот на стадото не бега кога некаква опасност или непријател му се приближува, туку останува за да ги заштити овците. Наемникот бега. „Наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците“ (Јн. 10, 12-13). Јас не сум наемник! Следните 30 до 60 дена се најважни во оваа криза со Еболата. Затоа, моето место во следните неколку месеци останува да биде Сиера Леоне. Нашата мисија се грижи за три илјади семејства – ученици, студенти, две парохии и персоналот на мисијата. Ние сме на првите линии на оваа неизлечива епидемија.

Нешто подоле во неговата изјава читаме: „Сигурен сум дека ме сфаќате и знам дека се согласувате со мојата одлука и причина за останување. Со помошта, благодатта и заштитата на нашиот Господ Исус Христос, ќе ја надгледувам состојбата. Откако ќе заврши епидемијата, повторно ќе размислам дали да се вратам дома. Бог знае кога ќе се случи тоа“.

Овој мисионер својата изјава ја завршил цитирајќи ги Христовите зборови: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите ближни“.

 

      

Извор: The Christian Post