Интронизација на новиот Митрополит Киевски (20.08.2014 18:12)
На 17 август 2014 година, во Киево-печерската лавра се одржа интронизација на Неговото Блаженство Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј (Березовски), кој беше избран за поглавар на Украинската Православна Црква од соборот на епископите на УПЦ на 13 август. На плоштадот пред Успенскиот соборен храм беше отслужена Божествена Литургија и свечен чин на интронизија на Митрополитот Онуфриј. На свеченоста присуствуваа претставници од повеќе помесни Православни Цркви. После службата Митрополитот Одески и Измаилски Агатангел од името на епископатот, свештенството и верниот народ на Украинската Православна Црква го поздрави Неговото Блаженство Митрополитот Онуфриј по повод неговиот избор на престолот на Киевските митрополити и му го врачи жезолот на неговиот претходник – Митрополитот Владимир. На крајот, поглаварот на Украинската Православна Црква им се обрати на верните со архипастирско слово.
„Повеќе од 40 години му ги принесувам на Небесниот Владика монашките завети. Едниот од нив е одрекување од својата волја пред Сесветата волја Божја. Затоа мојот избор за Митрополит Киевски и на цела Украина не го прифаќам како почит и чест, туку како одговорно послушание кон Мајката-Црква, за кое сум должен да дадам одговор на страшниот Божји суд“, рече Митрополитот Онуфриј.
Извор:Сhurch.ua