Митрополит Иларион (Алфеев): Нема проблеми кои наметнуваат свикување Сеправославен собор
 
 
 
 
 

Митрополит Иларион (Алфеев): Нема проблеми кои наметнуваат свикување Сеправославен собор (02.01.2015 01:53)

Во интервјуто за „Събота 150” на БНР (Бугарското национално радио) – на програмата „Хоризонт“, Волоколамскиот Митрополит Иларион (Алфеев) зборуваше за престојниот Велик сеправославен собор, кој треба да се одржи во 2016 г. Според Митрополитот на Московската Патријаршија тој собор нема да донесе никакви важни решенија, а неговата вредност ќе биде, пред сѐ, од формален карактер – како средба на ерарсите на сите Помесни Православни Цркви.

„Ние учествуваме во подготовка за свикувањето на Сеправославниот собор во 2016 г. и лично јас учествувам во комисијата за редакција на текстовите на документите за соборот. Тие текстови се посветени на различни теми кои почнале да се подготвуваат уште во 60-те, па 70-те и 80-те години на минатиот век. И сега, за да бидат прифатени на соборот, тие треба да се редактираат.“

„Искрено да ви кажам, не сметам дека меѓу одделните Помесни Православни Цркви има какви и да било сложени прашања кои наметнуваат неопходност да се свика Сеправославен собор. Сметам дека најважното е тоа што православните ерарси од различни Православни Цркви за првпат од 13 век ќе се соберат заедно. Дури и ништо да не решиме, самиот факт на одржување на нашиот Сеправославен собор и нашето заедничко служење ќе биде значаен настан во животот на Православната Црква. Текстовите кои сега се подготвуваат се познати и ќе бидат претходно објавени; затоа не очекуваме какви и да било изненадувања од Сеправославниот собор. Руската Православна Црква настојуваше и успеа да ја наметне својата гледна точка: сите решенија на Сеправославниот собор да се прифатат со консензус. Не можеме да гласаме за какви и да е прашања кои влијаат било врз веронауката или црковната практика ако немаме целосно едномислие и единство. Ако не успееме да го постигнеме тоа едногласие, ние нема да можеме истото да го постигнеме ни на следниот собор. Ако еднаш се собереме и тој собор биде успешен, тогаш ќе можеме да се собереме втор, па и третпат и постепено да ги решаваме прашањата кои сега се натрупале помеѓу нас“.

Во однос на евентуалните промени на календарот кај сите православни Митрополитот Иларион посочи: „Сметам дека е сеедно кога ќе се празнува Христовото Рождество. Во Руската Црква нема таква дебата. Рускиот народ е задоволен од стариот календар и во овој момент ова прашање не е ставено на разгледување. За нас е најважен мирот во Црквата, како и да се сочува единството во неа. Знаеме до што доведе воведувањето на новиот календар во Грција, кога беше создаден старостилниот раскол, кој постои и до денешен ден. Ние, според мене, сме должни да избегнеме сличен развој на настаните“.

Во однос на посетата на папата Франциско на Истанбул, при посетата на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Волоколамскиот Митрополит изјави: „Римскиот папа и Константинополскиот Патријарх ја сносат најдиректната одговорност за настаните кои се случија во 11 век, кога имено се случи расколот меѓу тие две Патријаршии. Затоа сметам дека е навистина логично тие да водат дијалог помеѓу себе, за да можат да ги изнивелираат и да ги решат последиците од тие тажни настани. Константинополскиот Патријарх се сретна со Римскиот папа во својство на Поглавар на една од Помесните Православни Цркви. Тој не се сретнал со него од името на сите Православни Цркви затоа што не побарал дозвола од останатите Православни Цркви и не добил – кажано со јазикот на светската дипломатија – мандат за одржување на таква средба. Мислам дека прашањето за обединувањето меѓу Православните Цркви и римокатолиците не е на дневен ред, иако некои православни ерарси како Митрополитот Јован (Зизиулас) сметаат дека тоа е возможно во најскора иднина. Јас, сепак, не се согласувам со таа позиција на Владиката Јован и мислам дека ќе има редица несогласувања прво во областа на догматиката, за кои ние треба да разговараме и истото да го правиме во рамките на заедничките комисии за богословски дијалог. Тој разговор не тече лесно и затоа не се брзаме со овие теми. Освен тоа постои и цела редица од други несогласувања кои се врзани со нашата историја, вклучувајќи го нејзиниот трагичен дел. Особено продолжува да биде актуелен проблемот со унијатството кој останува како рана во христијанството во светот; тоа го гледаме последнава година во случувањата во Украина. И затоа ништо не е толку алармантно како што можеби изгледа отстрана. Но во исто време јас сум убеден прврзаник на соработката меѓу православните и римокатолиците во сите области, во кои тоа е возможно“.

Во однос на неканонската Македонска Православна Црква Митрополитот Иларион рече: „Руската Православна Црква не може еднострано (сама) да ја признае Македонската Правослвна Црква. Тоа треба да биде направено врз основа на општоправославно решение и ние сме подготвени да се јавиме во својство на посредници, ако тоа е неопходно. И јас, после посетата на Софија ќе го посетам Скопје за да поразговарам со раководството на Македонија и на Црквата на таа тема“.

Потсетуваме дека после својата посета на Софија Митрополитот Иларион ја посети Македонија и се сретна со Охридскиот архиепископ Јован (Вранишковски), кој ја издржува казната во затворот во Идризово веќе три години. Непосредно за време на посетата на рускиот митрополит на Скопје Синодот на МПЦ упати барање архиепископот Јован да биде помилуван и ослободен.

 

Извор: Двери.бг