Патријархот Кирил со честитки до македонскиот Претседател по повод Рождеството Христово и Новата година (09.01.2015 11:02)
По повод Рождеството Христово, Неговата Светост, Патријархот Московски и Руски Кирил испратил поздравни посланија до претседателите на државите со мнозинско православно население. Посланијата биле испратени до Претседателот на Р. Бугарија, г. Росен Плевнелиев, Претседателот на Р. Грција, г. Карлос Папуљас, Претседателот на Кипар, г. Никос Анастасијадис, Претседателот на Р. Македонија, г. Ѓорге Иванов, Претседателот на Р. Романија, г. Клаус Јоханис, Претседателот на Р. Србија, г. Томислав Николиќ и Претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.
Во посланието, Патријархот најпрво им го честита празникот на Рождеството Христово и Новата година на државниците, посочувајќи дека целиот овоземен живот на Спасителот бил посветен на помагање на луѓето, непрестана проповед на љубов и самопожртвување. Ваквиот Христов пример и цели две илјади години подоцна не престанува да ги вдахновува луѓето да ги следат, во нивните животи, трајните евангелски вредности, додава Свјатејшиот Патријарх.
- Денес е особено важно да помниме дека мисијата на сите христијани и луѓе со добра волја е зајакнување на мирот, согласието и разбирањето во општеството. Убеден сум дека достигнувањето на оваа цел е возможно единствено преку заеднички напори засновани на искрена и цврста вера – посочил Патријархот, кој на крајот на сите државници им посакал Божја помош и успех во нивната висока служба.
Извор: Московска Патријаршија