In Memoriam: Протопрезвитер Томас Хопко (1939–2015)
 
 
 
 
 

In Memoriam: Протопрезвитер Томас Хопко (1939–2015) (21.03.2015 19:40)

Попладнето на 18 март 2015г. во Господа се упокои протопрезвитер Томас Хопко, почесен декан на Академијата на св. Владимир во Кресвуд, Њујорк (САД), истакнат православен свештеник, богослов, проповедник и говорник. Томас Џон Хопко е роден во Ендикот, Њујорк, на 28 март 1939 г., како трето дете и единствен син на Џон Џ. Хопко и Ана (Запотохи) Хопко. Крстен е и воспитан во карпато-руската црква „Св. Марија“, а е образован во државните училишта во Ендикот. Матурирал во средното училиште Јунион-Ендикот во 1956 година.

О. Томас дипломирал на Универзитетот Фордам во 1960 г. со диплома од студии по руска култура. Потоа дипломирал на Православната академија на св. Владимир во 1963 година. На Универзитетот Дјукејн стекнал мастер диплома по философија (1969 г.), а докторирал богословие на Универзитетот Фордам во 1982 година.

За свештеник е ракоположен во август 1963 г.; како парох служел во неколку парохии: во црквата „Св. Јован Крстител“ во Ворен, Охајо (1963-1968); „Св. Григориј Богослов“ во Вопингерс Фолс, Њујорк (1968-1978); „Св. Никола“ во Џемејка Естејтс, Њујорк (1978-1983). Во протоерејски чин е ракопроизведен во 1970 г., а чинот протојереј-ставрофор го добил во 1995 година.

На почетокот на 1968 г., отец Томас ја започнал својата долга служба на Православната академија „Св. Владимир“. Со години бил на различни положби: асистент-предавач по догматско и пастирско богословие (1968-1972); асистент-професор по догматско богословие (1972-1986); вонреден професор по догматско богословие (1983-1992); декан, настојател на капелата на св. Три Јерарси и редовен професор по догматско богословие (1992-2002).

За време на својата свештеничка служба, о. Томас напишал многубројни книги и статии. Неговото најпознато дело е „Православна вера: Основен прирачник за Православната Црква“. Одличен говорник и проповедник, учесник на многу конференции, предавања, симпозиуми и црковни собири низ целиот свет. Во името на Православната Црква во Америка, о. Томас извршувал голем број задачи, меѓу кои и претставување на Црквата на меѓуправославните и вселенските собири и состаноци.

По пензионирањето, Томас Хопко со неговото семејство се преселил во Елвуд Сити, Пенсилванија (САД), каде што живееле покрај православниот манастир „Преображение Господово“. Таму отец Томас започнал нова служба: православни разговори на интернет радио. Од 2008 година, о. Томас снимил преку 400 подкасти за радиото „Ancient Faith“ („Древна вера“, н.з.). Отец Томас и матушка Ана (род. Шмеман) родиле пет деца и имаат шеснаесет внуци и три правнуци.

О. Томас е погребен во манастирот „Преображение Господово“ во Елвуд Сити, Пенсилванија.

Вечен нека му е споменот!

Извор: Православна Црква во Америка

Преземено од: koe.mk