In memoriam: Архимандрит Роман Брага (1922-2015) (01.05.2015 11:08)
Вечерта на 28 април во Господа се упокои Архимандритот Роман Брага, еден од последните романски новоисповедници, истакнат романски свештеник и интелектуалец, професор и преведувач. Отец Роман е роден на 2 април 1922 година во с. Кондрита, во областас Бесарабија, во семејство на благочестиви родители, кои од најмала возраст во него го засадиле семето на добродетелен и благоговеен христијански живот. Образованието го започнал во селското училиште, за подоцна да биде испратен во келијно училиште во Калдарусани, од каде пак, продолжил да се образува во манастирската семинарија во Церница.
Во 1942 година се враќа во семинаријата во Чисинау во Бесарабија, а следната година започнува паралелни студии на Богословскиот институт, Школата за филологија и философија, како и Педагошкиот инстут во Букурешт. Во 1947 година дипломира со почести од Богословскиот институт, а веќе следната година започнува докторски студии по богословие во Букурешт.
Од летото 1948 година започнала неговата голгота од страна на безбожните романски власти. Бил лажно обвинет за антисемитизам, при што поминал време во најозогласените казнено-затворски установи во Романија од тоа време. Оваа епизода траела до 1953 година, кога се вратил во Јаши, кај неговата сестра која во тоа време веќе примила монашки постриг.
Отец Роман бил замонашен во јануари следната година, а седум дена по неговото замонашување бил ракоположен за јероѓакон. Под надзор на романските тајни служби, му било дозволено да богослужи во митрополитијата во Јаши до 1959 година. Тоа време јероѓаконот Роман го искористил да започне богословски предавања со студенти по медицина (но и други области и факултети) на кои им го пренесувал свештеното православно предание и учење. Поради оваа негова дејност бил повторно уапсен во 1959 година, кога заедно со 15 други осуденици бил осуден на 18 години затвор. Следните пет години (до 1964 г.) ги поминал во различни работни логори во делтата на Дунав.
Под притисок од Западот, сите политички затвореници биле ослободени во 1964 година. Меѓу нив бил и отец Роман, кој по ослободувањето бил ракоположен за свештеник и поставен во парохија на северот од Романија. Во новата парохија отец Роман организирал црковен хор составен од 100 деца, неделно црковно училиште, и секојдневно богослужел во следните две години. Поради активната црковна дејност, властите во Букурешт негодувале и тој бил тајно префрлен на друга парохија. Бивајќи постојано сметан за „несакан елемент“ од страна на комунистичката влада, Патријаршијата го испратила на мисија во Бразил. Откако поминал четири години во Сао Паоло, во 1972 година, на покана од Архиепископот Валеријан од Православната Црква во Америка, отец Роман преминал во САД. Следните пет години бил целосно посветен на преведувачка работа. Од 1979 до 1988 година бил парохиски свештеник, и тоа најпрвин во Јунгстаун, Охајо, потоа во Саутфилд, Мичиген, и на крај во Преображенскиот манастир во Елвуд Сити, Пенсилванија.
Во 1988 година се повлекол во Успенскиот манастир во Мичиген, каде останал до крајот на животот, живеејќи строг подвижнички живот, и покрај тоа што во последните години му бил дијагностициран канцер.
Погребот на високопреподобниот архимандрит Роман е закажан за 1 мај 2015 година во Успенскиот манастир во Рaјвс Џанкшн, Мичиген.
Вечен нека му е споменот!
Извор: Православна Црква во Америка
Преземено од: koe.mk