Се упокои славејот на Света Гора, Старец Спиридон од Мала Света Ана
 
 
 
 
 

Се упокои славејот на Света Гора, Старец Спиридон од Мала Света Ана (11.05.2015 10:42)

На 11 мај, по неколкумесечна борба со ракот се упокои Старецот Спиридон од братството на Химнографот во Скитот Мала Света Ана на Света Гора. Неговото тело беше пренесено од Солун, каде што се лекуваше, во неговиот дом – ќелијата на Успение на Света Гора. 

Старец Спиридон е роден во Солун во 1951 година. Отиде на Света Гора во 1968, на седумнаесетгодишна возраст, а беше замонашен од страна на Старецот Герасим Химнографот во 1970. Старец на братството стана во 1998 година. 

Старецот беше исклучителен псалт и учител на црковната музика, кој во својата младост учел при Харилаос Талиадорос во Солун и Старец Мелетиј Сикеот во Академијата Атонијада. Имал можност да пее со старата генерација псалти како Дионисиј Фирфирис, Јоасаф Јоасафеј, ѓакон Јован, Гаврил Макавос и многу други. 

Беше еден од најпочитуваните современи Светогорци, како поради добродетелниот живот, така и поради огромното знаење на монашкото предание и опит. Како човек со екуменски дух, секогаш беше преисполнет со љубов и постојано ги држеше во своите прегратки многубројните пријатели од целиот православен свет, особено од словенските земји. Во неговата ќелија често можеа да се сретнат луѓе од сите страни на светот, меѓу кои и многу Македонци. На нашата Свештена Обител Старецот беше многу љубен и скапоцен пријател. 

Извор: Bigorski.org