Профилот на Патријархот Кирил на мрежата „ВКонтакте“ посетен над милион пати (01.06.2015 16:53)
Профилот на Свјатејшиот Патријарх Кирил на мрежата „ВКонтакте“ (мак. Во контакт) за само три дена од неговото објавување бил посетен над милион пати, и веќе има над 82 000 контакти, што според генералниот директор на мрежата, г. Борис Добродејев, е еден од највисоките резултати во историјата на оваа социјална мрежа.
Профилот на Патријархот на мрежата се појави на Денот на словенските просветители, свв. Кирил и Методиј (24 мај).
Претседателот на Синодалниот Информативен Оддел (СИНФО), г. Владимир Легоида, за Интерфакс изјавил дека на првиот ден од објавувањето, илјадници луѓе испратиле пораки на благодарност до Патријархот, а биле започнати интересни и конструктивни онлајн дискусии на сериозни теми.
Во врска со негативните коментари, г. Легоида изјавил: „Црквата отсекогаш била отворена за дијалог, и не планираме на луѓето да им ја ускратиме можноста да му се обратат на Патријархот пред можната закана на неколку спамери и тролови“.
СИНФО е одговорен за одржувањето на профилот на Патријархот, и вработените ќе му ги пренесуваат пораките и позначајните коментари на Свјатејшиот.
- Иако не е планирано Патријархот да одговара на сите прашања на страницата, сепак тој ќе биде запознаен со прашањата на луѓето, и соодветно, ќе најде начин да одговори. Во спротивно, нема смисла да креираме профил на социјална мрежа, а да ја избегнеме виталната врска со пошироката публика – објасниле од СИНФО.
Пред неколку седмици, Патријархот Кирил упати апел до клириците активно да проповедаат преку социјалните мрежи.
Извор: Интерфакс