Свечености по повод 100-годишниот роденден на игуменот на манастирот на Свети Пантелејмон на Света Гора (30.10.2015 14:14)
На 21 октомври 2015 година, во храмот на Покров на Пресвета Богородица, во рускиот манастир на свети Пантелејмон на Света Гора, беше отслужено сеноќно бдение со празнична Божествена Литургија и благодарствен молебен. Богослужбите ги отслужија Митрополитот Владимирски и Суздалски Евлогиј, Митрополитот Тернополски и Кременцки Сергиј, Митрополитот Ставрополски и Невиномиски Кирил и Епископот Муромски и Вјазниковски Нил. На богослужбата присуствуваа повеќе од 400 поклоници од различни земји. На роденденот на игуменот Еремија пристигнаа игуменот на светогорскиот манастир Ватопед, схиархимандритот Ефрем, и игуменот на манастирот Хиландар со монасите од манастирот, како и претставници од другите светогорски манастири.
На овој ден, сите монаси од рускиот манастир на свети Пантелејмон, вклучувајќи ги и оние што живеат во околните скитови, чиј број достигна 100 луѓе, се собраа во манастирот за да се помолат за својот игумен.
Схиархимандритот Еремија, заблагодарувајќи им се на сите, рече: „Без љубов нема спасение, но љубовта е невозможна без самопожртвуваност и крст, а крстот – без смирение и трпение. Трпението, љубовта и смирението се патот на христијанинот кон Царството Небесно. Никогаш не ја заборавајте главната заповед Христова. Ви посакувам Божја помош во сите добри дела“.
Схиархимандритот Еремија (Алехин) е игумен на светогорскиот манастир на свети Пантелејмон, со кој управува веќе 36 години. Уште од младоста неговиот живот бил многу тежок. Колективизација, преселување на север, смрт на родителите, бегство, германска окупација... заробеништво и работа во Германија, враќање во татковината, запишување во Одеската семинарија и стапување во манастир, каде што бил под духовно раководство на преподобен Кукша Одески. Во 1974 година, отец Еремија се упатил кон Света Гора. Во 1979 година е избран за игумен и духовник на рускиот манастир на свети Пантелејмон.
***
– Отец Игор, ви се случило ли некогаш лично да се сретнете со отец Еремија (Алехин)? Какви беа тие средби, каков човек е тој?
– Поради мојата служба како секретар на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија редовно ја посетувам Света Гора, и секогаш го посетувам рускиот манастир на свети Пантелејмон и имам можност да се сретнам со отец Еремија. Првпат ја посетив Света Гора во студентските денови, во 1996 година, тогаш и за првпат се сретнав со отец Еремија, му зедов благослов. И ме порази неговата простодушност. Тој ја сочува таа простодушност во текот на целиот свој долг живот.
– Отецот игумен не сака да оди по конференции, да дава интервјуа. Не сака да е јавна личност. Напротив, тој постојано е на работите од послушанијата: набавува продукти, ги исполнува економските задолженија итн. Што мислите, може ли да се комбинираат игуменството и отсуството од јавноста?
– Според мене, тука не постои посебна загатка: монасите не се за во јавност, туку за живот во туѓинување (осаменост). Ова посебно се однесува за подвигот на Света Гора. Отец Еремија поради своето смирение го одбегнува преголемото внимание, но тој целиот свој живот подобро од многу црковни говорници сведочи за Христовата вистина. Сакам да раскажам за една случка, на која што присуствував неодамна. Како што е познато, на Света Гора се живее по т.н. византиско време, кое за неколку часа се разликува од општоприфатеното светско мерење на времето. На посетителите-поклоници на Света Гора понекогаш им е доста тешко да се префрлат на светогорското време и да го пресметаат неговиот однос кон светското време. Така, еднаш и мене ми се случи да згрешам во колку часот според локалното време ќе започне Божествената Литургија во манастирот на свети Пантелејмон; направив грешка во пресметките и многу порано пристигнав во храмот. Уште беше темно надвор. Во храмот немаше никого и само низ подотворените двери на олтарот видов треперење на светлина од свеќа. Се приближив и го видов отец Еремија, кој вадеше честички од просфората за живи и упокоени. Целиот манастир почиваше, а игуменот сам во храмот се молеше. Мислам дека оваа случка доволно јасно зборува за отецот.
– Отец Еремија испратил молба за пристапување во братството на манастирот на свети Пантелејмон на Света Гора во 1960 година. И дури после 14 години Цариградскиот Патријарх Димитриј I му дозволил да дојде на Света Гора. Зошто требало толку долго време да чека за одговор?
– 20-от век бил трагичен период во историјата на рускиот манастир на свети Пантелејмон и, воопшто, за целото руско монаштво на Света Гора. Страшните случувања што се случувале во татковината влијаеле и на состојбата на руската светогорска обител. Најголем проблем станала неможноста за притекнување на нови жители во братството, поради што неговата бројност нагло почнала да се намалува. Додека на почетокот на 20 век вкупниот број на Руси на Света Гора – монаси од манастирот, жители во скитовите, ќелиите, послушници, работници, поклоници – изнесувал понекогаш до 5.000 луѓе, во 1960-та, а особено во 1970-та година, нивниот број се намалил буквално на десет. Руското монаштво на Света Гора било загрозено до исчезнување. Ова се случило од политички причини.
После револуцијата, врската на обителта со татковината прекинала, а за време на безбожните гонења од 1920 до 1930 година никој не можел да замине од Советскиот Сојуз, па руското монаштво се пополнило од страна на руската емиграција, а исто така дошле и браќа од поранешните територии на Австро-Унгарија – од Карпатска Русија. Но овие извори набргу секнале. После Втората светска војна, со почетокот на „студената војна“, Грција припаднала на блокот НАТО, и Советскиот Сојуз ја сметал за противник. Постоела т.н. „железна завеса“, и било незамисливо некој монах од Русија или од другите републики на Советскиот Сојуз да дојде на Света Гора. Дури и поклоничко патување било апсолутно невозможно.
Првиот сонародник, кој дошол на Света Гора во повоениот период, поточно во 1959 година, бил Митрополитот Ленинградски и Новгородски Никодим (Ротов) – во тоа време бил архимандрит. Тој ги затекнал последните живи старци од Андреевскиот скит, кој се наоѓал во рамките на манастирот на свети Пантелејмон, и неговите раскажувања биле првите вести за тоа што се случувало на Света Гора. Кога Владиката Никодим станал претседател на Одделот за надворешни црковни врски, тој не ја заборавил Света Гора и сета своја енергија ја вложил за да ја поправи состојбата на руските светогорци. Како плод на неговите напори било доаѓањето на двајца монаси од Руската Православна Црква на Света Гора, во 1974 година, меѓу кои и отец Еремија, и нивното населување во рускиот манастир на свети Пантелејмон.
– Кога отец Еремија пристигнал на Света Гора, во каква состојба била обителта?
– Обителта била во жална состојба: во 1969 година се случил страшен пожар. Во тоа време речиси сите монаси биле стари – најмладиот монах имал повеќе од 70 години – но тие храбро, колку што можеле, се спротивставувале на налетот на огнот. Со кофи носеле вода од морето за да го изгаснат пожарот. Се разбира, тој нанел голема штета, но по милоста Божја, не биле уништени главните светињи: манастирскиот храм и библиотеката со скапоцени ракописи. До почетокот на овој век посетителите на рускиот манастир на свети Пантелејмон можеле да видат градби без покрив, без меѓуспратни плочи, без спратови – едноставно голи ѕидови со празни дупки за прозорци. Слава Му на Бог што во последните години се надминаа последиците од оваа непогода.
Кога на Света Гора пристигнал отец Еремија, тоа бил еден од најтешките периоди за рускиот манастир и руското монаштво на Света Гора. Меѓу монасите имало многу болни, немоќни старци. Некој требало да ги извршува послушанијата, да го води богослужбениот живот, да се грижи за одржувањето на манастирските зданија. Наоколу владееле разрушеност и пустош, без луѓе.
– На 9 јуни 1979 година се одржала интронизацијата на архимандритот Еремија за игумен на рускиот манастир на свети Пантелејмон. Тогаш тој станал духовник на обителта. Што значи тоа да се биде игумен на манастир на Света Гора? Каква е неговата улога, неговите задолженија?
– Улогата на игуменот на Света Гора, се разбира, е главна во животот на секоја обител. Игумен – тоа не е толку раководител на манастирот, тоа е духовен отец на сите монаси, пример за последување. Игуменот се избира доживотно, и неговиот авторитет е неспорен. Затоа, се разбира, значајно било тоа што монасите покажале доверба кон отец Еремија, кој во тоа време сѐ уште немал престојувано долго на Света Гора. Во тоа време тој бил релативно млад, енергичен – поради што браќата се надевале на некакво подобрување на состојбата на обителта. И по промислата Божја, токму со игуменството на отец Еремија започнало и возобновувањето на манастирот. Во тоа време малкумина можеле да си замислат за величината на реконструкциските зафати, коишто денес се преземаат, и за тоа дека обителта повторно ќе се наполни со луѓе, дека ќе има многу монаси и голем наплив на поклоници.
– Што го сочинува манастирот денес?
– Денес во манастирот има околу 60 жители: монаси и послушници. Кога има потреба, доаѓаат и сезонски работници, и тогаш манастирот се полни до 80 луѓе. Прилично активно се изведуваат реконструкциските зафати, особено поради празнувањето во 2016 година на 1000-годишнината на руското монаштво на Света Гора. Следниве објекти веќе се реновирани: скитот Стариот Русик, ќелијата на свети Димитриј, болницата, гостинскиот конак, манастирското пристаниште. Манастирот денес изгледа многу добро одржувано и прекрасно.
Извор: Mospat.ru, Pravoslavie.ru