Поранешни бездомници обновуваат стара црква близу градот Ростов (19.12.2018 17:14)
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена на брегот на реката Дон, пред повеќе од сто години, но како и поголемиот дел од Руските цркви, била разрушена по 1917 година. Денес, благодарение на активната градежна работа што се одвива во црквата, камбаните повторно бијат и се одржуваат богослужби, и покрај тоа што сè уште нема греење и иконостас во црквата.
Работниците што работат на обнова на црквата доаѓаат од разни страни, но сите имаат едно заедничко – сите биле поранешни бездомници, а многумина од нив и наркозависници. „Многумина дојдоа да помогнат“, вели свештеникот. „Некои работат малку, па си заминуваат, други пак, остануваат и се од голема помош. Многумина учествуваат во градењето на црквата, не сум ги избројал, но сите ги знам по име.“
За нивниот труд, поранешните бездомници си најдоа дом – тројца од нив живеат во градежната барака покрај црквата, а деветмина во црквата „Покров на Пресвета Богородица“. Отец Евгениј вели дека во својата седумгодишна работа со сиромаси и бездомници, четиринаесет луѓе оформиле свое семејство.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ била изградена во 1908 година од Козаците. Била затворена во 60-те години и претворена во основно училиште, и не функционирала како црква речиси педесет години. Реконструкцијата на црквата започна во 2014 година. Поголемиот дел е завршен – останува уште да се постави греење, иконостас и да се направи подот на црквата.
извор: http://orthochristian.com