Руската црква отвора 13 мајчински засолништа, 53 центри за мајчинство и развива 72 проекти против абортусот
 
 
 
 
 

Руската црква отвора 13 мајчински засолништа, 53 центри за мајчинство и развива 72 проекти против абортусот (13.01.2019 15:40)

Одделот за хуманитарни дејности на Московската Патријаршија објави дека Црквата наскоро ќе отвори и прошири речиси 150 проекти, кои главно се наменети за преземање мерки против абортусот.

Одделот пред некое време организираше конкурс за проекти, од кои 142 проекти, од 93 епархии на Руската Православна Црква, добија награди. Победниците ќе ја поделат сумата од 571.140 долари (38 милиони рубљи), собрани со благослов на Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. Кирил, за Денот на децата во 2018 година.

Благодарејќи на собраните финансиски средства, ќе бидат отворени 13 нови мајчински засолништа и 57 центри за заштита на мајчинството, а други 72 проекти ќе можат да ги прошират своите активности за да се заштити животот и да се спречи абортусот во 2019 година.

Сега, во Русија постојат 58 црковни засолништа за самохрани мајки со деца, од кои 57 се основани во последниве 7 години. Постојат и 166 црковни центри за хуманитарна помош.

„Помошта за жени во критични и тешки ситуации, како и преземањето мерки против абортусот се приоритет на харитативните дејности на Црквата. Поради тоа, Неговата Светост, Патријархот Кирил, по вторпат благослови од сите руски краишта да се соберат донации за да се развие ваквата дејност. Се надеваме дека новите засолништа и центри за заштита на мајчинството ќе помогнат да се спасат многу повеќе детски животи“, изјави Неговото Високопреосвештенство г. Пантелејмон, Епископ на Орехово-Зуево, претседател на одделот за хуманитарни дејности.

Претходниот конкурс, одржан во 2016 година, донесе 100 нови центри за хуманитарна помош, кои беа отворени во 89 региони низ цела Русија.

превод од англиски јазик: Методи Џунов