Отворен Меѓународен форум за светоста на мајчинството во Минск
 
 
 
 
 

Отворен Меѓународен форум за светоста на мајчинството во Минск (18.01.2019 11:01)

Неодамна, во Минск, шеста година по ред, беше отворен Меѓународниот форум за светоста на мајчинството, за дискутирање за важни семејни прашања и прашања поврзани со мајчинството и детството.

Настанот, со наслов „Семејството во современиот свет – вредности, трендови и просперитети“, беше отворен со повеќе од 500 учесници од целиот свет.

Поздравното слово на Претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко, и Претседателот на Русија, г. Владимир Путин, беа прочитани на првиот ден. И двајцата ја пофалија одличната работа на програмата, која им пружа помош на оние што имаат потреба и овозможува дијалози меѓу политичари, јавни личности и претставници на државни организации околу актуелни прашања за заштита на семејството, објави фондацијата „Свети Андреј Првоповиканиот“, која ја започна иницијативата за формирање на ова Здружение за светоста на мајчинството во 2006 година.

Целта на програмата за светоста на мајчинството е враќање на потенцијалот на семејството како основна општествена институција. Вклучена е и социјална и психолошка поддршка за бремени жени и млади мајки кои се наоѓаат во тешки ситуации, едукативна работа со млади и активности за промовирање на семејните вредности во свеста на јавноста и информативниот простор.

„Ние не гледаме на грижата за семејството само како на средство за решавање на демографскиот проблем. Семејството ги пренесува најдобрите работи, стекнати од искуство, од една на друга генерација. За нас, семејството е општествена институција и духовна вредност“, изјави директорката на Здружението за светоста на мајчинството, Наталија Јакунина.

Неговото Високопреосвештенство Павле, Митрополит на Минск и на цела Белорусија, исто така, присуствуваше на денот на отворањето на форумот, нарекувајќи го абортусот – убиство со тешки последици.

Протерејот Дмитриј Смирнов, претседател на Комисијата за семејство и заштита на мајчинството и детството при Московската Патријаршија, исто така, зборуваше за подигање на „свеста за абортусот“.

Другите прашања што се разгледуваа беа за разводот и легализацијата на истополовите бракови во повеќето земји.

Форумот беше организиран од фондацијата „Свети Андреј“ и фондацијата „Браќата Кариќ“ од Србија, со поддршка на Извршниот комитет на Минск и Министерството за труд и социјална заштита на Белорусија.

Фондацијата „Свети Андреј“ одржа и натпревар во склоп на Здружението за светоста на мајчинството, а наградата од 17.500 долари им ја подели на победниците за „Најдобра женска консултација“, „Најдобар акушер – гинеколог“, „Најдобар психолог во советување против абортус или специјалист за социјална работа“, како и „Најдобри едукативни активности за зачувување на бременоста“.

Извор: http://orthochristian.com/117272.html
превод од англиски: Маја Џунова