Старец Гервасиј (Параскевопоулос) од Патра предложен за канонизација
 
 
 
 
 

Старец Гервасиј (Параскевопоулос) од Патра предложен за канонизација (21.06.2019 08:39)

Во понеделник, на 19 јуни 2019 година, по Божествената Литургија во црквата „Света Троица“, во Патра, Грција, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Хризостом на Патра објави дека го предложил Старец Гервасиј (Параскевопулос) за канонизација, доставувајќи ги соодветните документи до Синодот на Константинополската Патријаршија.

Отец Гервасиј е една од најистакнатите личности во историјата на Патра од 20 век. Тој се упокоил во Господ пред 55 години, во 1964 година.

Според биографските податоци, овој пастир бил роден во селото Нимфазија, на 1 јануари 1877 година. Имајќи силна вера од детството, на 13 години заминал во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Керница. Во 1897 година, пристигнал во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Гирокомео, во Патра, каде што останал до крајот на својот живот. Бил замонашен на 26 години. Во 1905 година дипломирал на семинаријата „Ризарио“, каде што станал духовно чедо на великиот свети Нектариј од Егина. Бил ракоположен за свештеномонах на возраст од 33 години, а четири години подоцна ја одбранил својата докторска дисертација на Богословскиот факултет.

Работел како капелан за време на Балканските војни во 1912–1913 година. По катастрофата во Мала Азија, во 1922 година, о. Гервасиј останал со 7.000 бегалци што се населиле во Патра. Неговата добротворна дејност, неговиот благороден карактер и самопожртвувана и непоколеблива служба на Бог го покажаа Старец Гервасиј за вистински пример на свештеник и христијанин. Тој го заживеа православниот живот меѓу младите и старите, особено преку неговите катехетски училишта.

На 30 јуни 1964 година, Старец Гервасиј се упокоил во Господ на 87-годишна возраст. На неговиот погреб, верниот народ отворено го прогласил за светител, исто како и при преносот на неговите мошти во 2014 година, кои сега се наоѓаат во црквата „Света Параскева“, во училиштето „Анапластики“, во Патра, кое било основано од Старец Гервасиј.

 

Извор: http://orthochristian.com