Официјалното соопштение на Ерархијата на Грчката Православна Црква за Украина
 
 
 
 
 

Официјалното соопштение на Ерархијата на Грчката Православна Црква за Украина (13.10.2019 09:29)

На 12 октомври 2019 година, заседаваше на вонредно заседание Светиот синод на ерархијата на Црквата на Грција, под претседателство на Неговото Блаженство Архиепископот Атински и на цела Грција г. Ероним, во салата за заседанија на Светиот синод на ерархијата.

Пред заседанието беше совршена Божествена Литургија во соборниот храм на манастирот на Бесплотните – Петраки.

Околу 9 часот утрото, во големата сала за заседанија на Светиот синод, беше извршена богослужбата за почеток на работата на Светиот синод. Откако се прочита каталогот на ерарсите учесници, беше утврден кворумот.

Во продолжение беше составена комисија за односи со јавноста, составена од Високопреосвештените Митрополити Навпактски г. Еротеј, Сироски г. Доротеј и на Патра г. Хризостом.

Согласно дневниот ред, Блаженејшиот Архиепископ Атински и на цела Грција г. Ероним одржа свое излагање со наслов: „Автокефалијата на Украинската Црква“.

Во предговорот на излагањето, Неговото Блаженство наведе дека постојаниот Свет синод на повеќе свои заседанија подробно се занимавал со ова прашање, кое го доставил и до соодветните Синодски комисии – за Догматски и номоканонски прашања и за Меѓуправославни и меѓухристијански врски – за да се изјаснат заеднички пред Светиот синод.

На 13 август оваа година, овие Комисии ги доставија до секретаријатот заедничкиот Заклучок и Воведната белешка со наслов: „Прашањето на канонската јурисдикција на светата митрополија Киевска“. Заклучокот на Комисиите, по наведувањето на петте основни позиции од номоканонски аспект, го заклучи следново: „Врз основа на кажаното, разгледувајќи го прашањето на автокефалијата на Црквата во Украина од канонски, но и од правен аспект, најблагочестиво изјавуваме дека не постои никаква пречка за признавање на автокефалијата на Црквата во Украина и за потполна согласност на Црквата на Грција со Вселенската Патријаршија“.

Последователно, Блаженејшиот накратко се осврна на синодалниот карактер и управната организираност на Црквата, како и на самата автокефалија. Забележа дека Црквата во Украина отсекогаш била и останала канонска црковна јурисдикција на Вселенската Патријаршија, која се откажа од својата канонска јурисдикција, за да ја прими во заедницата на автокефалните Православни Цркви, акт кој е осуден од Московската Патријаршија како антиканонски, како канонски да ѝ припаѓа нејзе.

За крај, откако го карактеризира објавувањето на црковната автокефалија на Украина како особено корисна за Православната Црква и многу значајна за засилувањето на врските помеѓу двете сестрински автокефални Православни Цркви, на голема Русија и на Украина, предложи „признавање од страна на нашата Црква на автокефалијата на Православната Црква во независната Република Украина“.

Следуваше конструктивен дијалог и изразување на мислења на повеќе Високопреосвештени ерарси и Ерархијата одлучи да ја прифати одлуката на изминатиот постојан Свет синод и на излагањето на Блаженејшиот Архиепископ Атински и на цела Грција г. Ероним, што го признава „канонското право на Вселенската Патријаршија да доделува автокефалија, како и правото на претстојателот на Црквата на Грција да го решава понатаму прашањето на признавањето на Црквата во Украина“, додека седум митрополити побараа да се одложи донесувањето на оваа одлука.

Комисијата за односи со јавност
на Светиот синод на ерархијата

преземено од: bigorski.org.mk