Се упокои во Господ светиот отец наш Ефрем Филотејски и Аризонски (08.12.2019 13:39)
Денес се упокои во Господ светиот отец наш Ефрем Филотејски и Аризонски, светогорскиот Старец, возљубен од целото Православие, во манастирот „Свети Антониј Велики“, во Аризона.
Старец Ефрем бил роден во Волос, Грција, на 24 јуни 1927 година. На 26 септември 1947 година, на 20-годишна возраст, пристигнал на Света Гора, каде што бил пречекан од Старец Арсениј, кој му рекол: „Пречесниот Претеча синоќа му се јави на Старец Јосиф и му рече: ’Ти носам едно мало јагне. Прибери го во своето стадо‘“.
Оттогаш останал во послушание на Старец Јосиф Исихаст сè до неговото упокојување во 1959 година, каде неуморно се подвизувал во пост, бдение и непрестајна молитва. По упокојувањето на Старец Јосиф во 1959 година, Старец Ефрем продолжил да живее на истиот начин сѐ до неговиот избор за игумен на манастирот Филотеј во 1973 година, каде што за кратко време го возобновил монашкиот живот и бројот на монасите се зголемил. По барање на Советот (Епистасијата) на Света Гора, Старец Ефрем возобновил и проширил уште неколку светогорски манастири, чиј број на монаси бил во опаѓање. Тие манастири се Ксиропотаму, Констамониту и Каракалу.
Во 1979 година, Старец Ефрем допатувал во Канада поради здравствени причини. Тогаш почнал да ги исповеда и да ги почува иселениците во Канада, а набргу неговата пастирска дејност се раширила и во САД. Во 1995 година го основал главниот манастир посветен на свети Антониј Велики во пустината Сонора, во државата Аризона. Потоа основал и други 19 манастири на територијата на САД и Канада. Останал духовен отец на светите манастири на Света Гора и на осум женски манастири низ цела Грција. Бил духовник на илјадници духовни чеда од целиот свет: монаси, свештеници и мирјани.
По молитвите на преподобен Ефрем, Господи Исусе Христе, помилуј нè!
Кога Христос живее во тебе, од ништо не плаши се.
За Христос да живее во тебе, потребно е многу смирение.
Со умот падни пред неговите безгрешни нозе и плачејќи кажи:
„Исусе мој, само Ти ми остана како светлина и живот.
Покажи ми ја Твојата духовна убавина за да се исполнам со божествен ерос и
да трчам по Твојата смирна и да повикувам:
’Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата десница ме поддржува’.
О, Исусе мој, кога ќе дојдам и ќе застанам пред лицето Твое?
Кога, О Светлино на душата моја, ќе Те видам и исполнет ќе кажам:
’О, длабочината на богатството, премудроста и знаењето на Бога!‘“
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски